Кога Патерсон имал 18 години ги читал Џојс, Бекет и другите книжевни големци додека работел во психијатриска болница близу Бостон. Meсто коешто го инспирирало за ликот кој подоцна се појавува во голем број романи, Алекс Крос, форензички психолог кој порано работел за ФБИ, а сега како владин консултант. Од 1976 има напишано повеќе од 200 романи, од кои 114 се појавиле на листата на најпродавани на Њујорк Тајмс. Го држи Гинисовиот рекорд за автор кој заземал најголем број први места на истиот список, вкупно 67, со различни книги. Го ценат како автор којшто не само што пишува, туку и го промовира читањето, со тоа што од 2005 секоја година донира над 100.000 долари на институции кои ќе аплицираат со оригинални и ефикасни начини на ширење на љубовта кон книгата.
Кога станува збор за квалитетот на неговата проза, сликата е малку поинаква, барем што се однесува до дел од критиката и неговите (можеби завидливи) колеги. Стивен Кинг има кажано дека тој е ужасен, „но многу успешен автор“.
Во моментов е се уште актуелна неговата соработка на „Трчај, Роуз, трчај“, која ја напиша со Доли Партон а излезе во април. Во интервју за Сандеј Тајмс во текот на викендов тој се пожали дека белите мажи се мачат да најдат работа во областа на филмот, театарот, телевизијата и издаваштвото. Истовремено, во игра се и годините - колку постар, толку понепосакуван (Патерсон има 75).
УСА Тудеј го проверува тврдењето, правејќи преглед на тоа како стојат работите кај главните издавачи на литература на англиски. Пингуин Рендом Хаус самите си извршиле „ревизија за диверзитет“ и пребројале дека 74,9% од нивните соработници во периодот 2019-2021 биле белци; само 6% биле црни, а 5% латино. Вработените исто така се претежно бели, и сочинуваат 74,2% од работната сила.
Слично стојат работите и според анализа на Њујорк Тајмс, според кој 89% од книгите напишани во 2018 биле од бели автори.
Голем број колеги на Твитер побараа Патерсон да се извини за своите коментари, особено со оглед на тоа што неговото богатство е преочигледно - во 2020 тој беше на 15-тото место на листата на Форбс, како најдобро платен американски автор со нето вредност од 80 милиони долари. Повеќето од тие наслови се всушност ко-авторства, за што Патерсон очигледно има развиено добар „фабрички“ бизнис модел.
James Patterson of all people. First of all, write your own books, pal.
— roxane gay (@rgay) June 13, 2022
Неодамна Патерсон конечно се огласи со твит во кој вели дека „апсолутно не верува дека има расизам против белите автори“ и замолува да се знае дека „силно го поддржува диверзитетот на гласови, во книжевноста, во Холивуд и насекаде“. Но бранувањата, како и обично, ќе потраат уште некое време.
I apologize for saying white male writers having trouble finding work is a form of racism. I absolutely do not believe that racism is practiced against white writers. Please know that I strongly support a diversity of voices being heard—in literature, in Hollywood, everywhere.
— James Patterson (@JP_Books) June 14, 2022