Посиромашните помагаат повеќе

Интуицијата би била ваква - ако имам малку, тоа морам себично да го чувам затоа што и тоа малку-то можам да го загубам. Ако имам многу (време, ресурси, пари), па и одвишок, тоа значи дека би бил поподготвен и да дадам, бидејќи тоа нема значајно да се одрази на мојот статус. Е, ама па не. 

Луѓето се однесуваат поуслужливо во средини каде што изборите што можат да им ги понудат на другите се поскромни, покажува ново истражување. Студијата, објавена во списанието Nature Communications и спроведена од научници од Универзитетот во Бирмингем во соработка со истражувачи од Оксфорд и Универзитетот на Источна Англија, опфатила повеќе од 500 учесници. Резултатите изненадувачки покажале дека кога луѓето се наоѓаат во „посиромашна“ средина, се поподготвени да им помогнат на другите отколку кога се во побогата средина.

Според истражувачите, различните можности со кои се соочуваме во секојдневието значително влијаат врз тоа дали ќе прекинеме со она што го правиме за да помогнеме некому. Претходните студии главно ја испитувале општата подготвеност за помагање, но ова истражување укажува дека клучен фактор е контекстот и средината во која се наоѓа човекот. Наодите имаат пошироко општествено значење, бидејќи помагањето е важен дел од начинот на кој се создаваат и одржуваат заедниците. Кога луѓето имаат премногу квалитетни и сигурни опции, можно е да станат попретпазливи и поретко да избираат да бидат великодушни.

Во експериментите истражувачите следеле кога учесниците ќе прекинат да гледаат видео за да „помогнат“, односно да доделат парични средства на непозната личност. На дел од учесниците им било кажано дека се во „богата“ средина, а на други во „сиромашна“, при што им се презентирани различни можности за награди од кои би можеле да издвојуваат. Во „сиромашната“ средина почесто имало мали и несигурни награди, додека во „богатата“ имало поголеми и посигурни. Ако прифатат да помогнат, учесниците морале да вложат физички напор, како силно стискање уред со рака или кликање на многу полиња, за да се доближи ситуацијата до реалниот живот, каде помагањето често бара труд.

Истражувачите посочуваат дека ова е едно од првите истражувања што јасно го тестира влијанието на средината врз одлуките за помагање и сугерира дека посиромашните услови можат да поттикнат поголема дарежливост. Идните студии треба да се насочат кон различни групи кај кои помагачкото однесување е предизвик, како адолесценти со антисоцијално однесување или возрасни со психопатски карактеристики. 

10 февруари 2026 - 08:08