Од денешна перспектива ова личи на некаков уличен перформанс а не на нормално насочување на сообраќај. Во нешто што изгледа како беспрекорно чиста и штиркана бела униформа, па дури и со бели ракавици, белградскиот милиционер Јован Буљ елегантно го регулирал сообраќајот на излезот од теразискиот тунел, кај Домот на младите. Иако легендата вели дека завршил курс по балет во Народно позориште во Белград, и дека затоа имал грациозни движења, тој на времето изјавил дека само активно се занимавал со фудбал и ракомет.
На Светското првенство во грациозно регулирање на сообраќај (да, имало такво нешто) го зазел третото место. На покана на неговите британски колеги, својата вештина ја прикажал и на лондонскиот Пикадили, а бил на прием и кај кралицата Елизабета.
Во интервју сочувано во архивата на Југопапир од 1969 тој вели дека секогаш се обидува несовесните возачи да ги подучи со убав збор, а не со казни.
Според истиот текст, голем број граѓани на други градови доаѓале во Белград за да го видат неговото „шоу“, кое траело и по шест часа дневно. Многумина кога прв пат ќе го виделе мислеле дека се снима некој филм.
По раното пензионирање во 1980, долги години работел како продавач во трафика на Нов Белград, заедно со сопругата Ева, а потоа и како чувар на паркинг пред сплавовите на кејот на Сава. Починал во 2010, на 71 година.