Новопронајденото сценарио на Кјубрик е адаптација на новела од 1913 од познатиот австриски писател Штефан Цвајг. Се работи за приказна за неверство и страст во едно бањско лекувалиште, каде возрасен маж се спријателува со 10-годишно момче, користејќи го за да ја заведе неговата мајка.
Кјубрик го напишал текстот во 1956 заедно со писателот Калдер Вилингем, со кого следната година соработувал на неговиот прв воен класик, „Патишта на славата“.
Сценариото е пронајдено од Нејтн Абрамс, професор по филм на универзитетот Бангор, кого го сметаат за експерт кога станува збор за Кјубрик. Оние подетално упатени во животот и делото на славниот режисер знаеле дека тој имал желба да работи сценарио на оваа тема, но никој не знаел дека тоа било комплетирано.
Кјубрик има направено 13 играни филмови, од кои најпознат е научно-фантастичната „2001: Одисеја во вселената“ , оценет како еден од најдобрите филмови на сите времиња. Но новопронајденото сценарио е од времето кога бил релативно непознат, во период кога само што го завршил „Убивање“, неговиот крими-трилер. Студиото МГМ наводно го прекинал финансирањето на „Вжештена тајна“ кога се дознало дека тој работи истовремено и на „Патишта на славата“ за друг продуцент, што претставувало прекршување на договорот. Можно е и нарацијата која вклучувала дете кое се наоѓа среде приказна за прељуба да била оценета како преризична.
Всушност, на некој начин ова сценарио е „обратна Лолита“ - во адаптацијата на контроверзната приказна на Набоков на Кјубрик главниот лик се жени со мајката за да дојде до ќерката. А во „Вжештена тајна“ главниот лик се спријателува со синот за да дојде до мајката.
Целото сценарио е над 100 страници, а било откриено од Адамс додека истражувал за својата следна книга, под наслов „Очи ширум затворени: Стенли Кјубрик и неговиот последен филм“, која треба да биде објавена од Оксфорд Јуниверзити прес следната година.
Претходно: Трагичната судбина на Штефан Цвајг