Мам-Фату Нианг, вонреден професор по француски на Универзитетот Карнеги Мелон во Питсбург, и Жулиен Судо, кој предава во Пенсилванија, велат дека огромниот мурал кој е поставен во ходник од една од зградите на француското Собрание, и стои таму веќе 28 години, би требало да се отстрани. Авторот е францускиот уметник Ерве ди Роса, а на времето е нарачан како обележување на првата аболиција на ропството од страна на Франција во 1794.
„Неговото присуство, при комплетна индиферентност, во срцето на највисоката установа на Републиката, додава сол на рана“, напишаа група интелектуалци во отворено писмо во списанието Л’Обс.„Бараме отстранување на овој ѕид на срамот“.
Од друга страна, Ди Роса не забегал во правењето на овој мурал далеку од неговиот основен стил - мешавина од стрип, уметност за деца и научна фантастика. И до сега претставувал ликови со преголеми усни. Но оние кои се против муралот велат дека тука контекстот е поинаков, и дека црни лица со големи сини очи и огромни усни се „понижувачка“ визија која потсетува на старите расистички иконографии (како стрипот „Тинтин во Конго“).
Засега самиот Парламент нема реагирано на петицијата, а уметникот вели дека тотално не разбира за што станува збор, бидејќи сите негови ликови до тој мурал (а и по него) имаат големи усни без оглед дали се мажи, жени и на која раса припаѓаат.