Токму со зборовите од спомнатото писмо (кое на времето го објавивме тука) почнува и трејлерот за документарецот. Коен во него вели: „Најдрага Мериен, знај дека сум многу блиску зад тебе, и дека ако ја испружиш раката можеш да ја допреш мојата“, со тоа најавувајќи ја и сопствената смрт, која се случи помалку од четири месеци подоцна, на 7 ноември 2016.
Режисер на филмот е Британецот Ник Брумфилд, кој до сега има режирано голем број документарци посветени на музичари, како „Курт и Кортни“ од 1998, „Биги и Тупак“ од 2002 и „Витни“ од 2017. Овој за Коен и Мериен премиерно беше прикажан на фестивалот Санденс оваа година, а користи претходно необјавени снимки направени и од самиот Брумфилд и од режисерот Д. А. Пенебејкер.
„Исто толку поезија, колку и документарец, нежен и рапсодичен филм“, или „емоционален бокс“, беа оценките на критиката. Ова е трејлерот, а вонфестивалската премиера се очекува на почетокот на јули.