Веројатно сте ја слушнале онаа „Еден Грк вели дека сите Грци лажат“. Во оригиналот на Епименид, кому му се припишува реченицата, станува збор за Критјанин, и тоа поради една легенда. Божиците Тетис и Медеја некогаш се карале која е поубава. Го назначиле Идоменеј, критскиот крал, како судија, а тој ја прогласил Тетис за победничка. Во гнев, Медеја ги нарекла сите Критјани лажговци и ги проколнала никогаш да не ја кажуваат вистината.
Ако се земе предвид и тоа дека потеклото на Епименид е од Крит, работата уште повеќе се усложнува, затоа што тој самиот тогаш излегува лажго. Но ако тој е лажго, она што го кажува не е вистина, значи Критјаните не лажат; бидејќи Епименид е од Крит, она што тој го кажува е вистина; оттаму велејќи дека Критјаните се лажговци, Епименид самиот е лажго, итн. Вака може да се оди до недоглед, докажувајќи дека филозофот и неговите сограѓани се и вистинољубиви и измамници.
Питер Елдриџ-Смит, професор по филозофија и логика, се обидувал да ѝ го објасни овој парадокс на својата 11-годишна ќерка, Вероник, и предложил таа да смисли своја верзија. „Пинокио вели: Мојот нос ќе расте“. На гордиот татко исказот му се бендисал, и во 2010 напишал статија на темата. Парадоксот наскоро станал многу популарен онлајн, со бројни анализи за тоа дали тој е навистина од истиот вид како она со Критјаните, и дали е воопшто парадокс.
Парадоксот подобро функционира во сегашно време, во мигот додека Пинокио ја изговара реченицата, бидејќи нејзиното лоцирање во иднината може да подразбира и обично физичко растење на носот поради изминатото време. Но поголемата разлика е што финтата со Пинокио функционира само ако се знае содржината на приказната на Карло Колоди, во која на дрвената марионета ѝ расте носот секогаш кога таа лаже, сигнализирајќи го, и казнувајќи го, недозволеното однесување. За разлика од неа, реченицата со Критјаните функционира без да се знае спомнатата легенда, само затоа што е автореферентна.
Овој и други парадокси на лажговците се користат во популарната култура, особено кога треба да се надмудри вештачка интелигенција, која нема капацитет да излезе на крај со вакви искази: Стар Трек, Доктор Ху, Мајнкрафт, Автостоперскиот водич низ галаксијата. Таму машините прегреваат додека размислуваат на оваа тема. Луѓето се уште не прегреале, туку упорно се обидуваат да ги решат ваквите и слични парадокси.