Кејв во моментот е актуелен по својата светска турнеја со 34 концертни настапи, но во меѓувреме најновата вест е дека виртуелно ќе биде присутен и во нова анимирана ТВ серија. Тој даде поддршка за проектот на шведскиот писател и режисер Манс Марлинд и анимациската компанија Брокендол.
Приказната на „Пред да станат богови“, како што гласи насловот, е сместена во имагинарен свет во кој двајца музичари, Кејв и шведската рок ѕвезда Тострем, се дружат како тинејџери, пред да се претворат во музички богови. Содржината главно се врти околу нивното пријателство, потрагата по ултимативната вистина и вечната убавина. Понекогаш ги наоѓаат овие нешта, но најчесто не - најблиску до идеалот е нивната љубов кон мистериозната и убава Линеа, во која обајцата се заљубени.
Иако се прикажани како 14-годишни, во серијата двата лика зборуваат како идеалистички настроени возрасни, на начин кој е речиси филозофски. Тострем е тежок егизстенцијалист, политички ангажиран и зборува во кратки реченици, додека Кејв е спротивното, дионизиски агностик и романтичен занесеник кој не може да престане да зборува.
Режисерот вели дека проектот е негов сон, ама буквално - додека спиел ги гледал своите двајца музички херои како млади тинејџери кои пијат евтино пиво додека дискутираат за љубов и смислата на животот. Следниот ден веќе се фатил за пишување и сега проектот е веќе реалност.
Кејв изјавил: „Бидејќи никогаш не сум стапнал во Шведска во 1971, и никогаш го немам сретнато Тострем, очигледно сум заинтересиран за она што никогаш не сме го направиле“.