Неуспехот е суштински елемент за преземањето ризици, иновацијата и креативниот процес, а славните достигнувања често не се некакви откровенија, туку резултат на бројни претходни грешки и лекции од нив. Ова се тезите на кои Санденс оваа година ќе организира панели и работилници на кои учесниците се поканети под мотото - зграпчете ја шансата да доживеете пораз!
Фестивалот ја поканил фотографката Тајрин Сајмон да создаде нешто кое ќе помогне во промоција на настанот. Таа го изработила видео од 13 секунди (види подолу), кое е всушност многу брза серија писма на одбивања на сега славни писатели и уметници - од она во кое издавачот Knopf ја одбива „Животинската фарма" на Орвел до одбивањето на барање поврзано со Законот за слобода на информациите поднесено од страна на Аарон Шварц, со кого Сајмон работела на проектот Image Atlas.
Со оглед на брзината на вртењето на слајдовите, некои од писмата може и да се пропуштат, како на пример одбивањето на сценариото за Стар трек, но и писмо кое Дизни и го испратил на некоја жена која во 1930-тите сакала да работи за неговото студио во кое се вели дека „креативната работа во врска со подготовката на цртани филмови треба да се изведува само од страна на млади мажи".
Поентата е дека критичарите понекогаш грешат и дека оние кои се занимаваат со создавање филм треба да научат нешто од тоа, и да истраат и покрај хејтерите. За самиот Санденс да си тури пепел врз сопствените одлуки, во рамки на настанот ќе биде прикажан и одличниот дебитантски филм на Вес Андерсон од 1996, Bottle Rocket, кој своевремено бил одбиен од фестивалот.
Тајрин исто така била одбивана во текот на нејзината работа како фотограф, особено при изработката на проектот со фотографирање „тајни" локации во Америка, места и институции кои се затворени за јавноста, на пример од областа на безбедноста, науката или религијата. За книгата „Американски индекс на скриеното и непознатото" коja ги содржи овие фотографии таа сакала да слика и некаква подземна просторија која била во сопственост (пак) на Дизни. Компанијата ја одбила со зборовите: „магијата која треба да го обземе посетителот на нашите тематски паркови ни е од особено значење, и таа треба да му пружи таква фантазија од која тој не може да избега", нешто што фотографиите на Тајрин според нив ќе го уништеле.
Настанот на Санденс на Твитер може да се следи на #Freefail.