Кромид на денот

Научници откриле 23 празни страници кои би можеле да бидат загубено дело на Бекет

Во 2006, само неколку недели по 100-годишнината од раѓањето на славниот драматург, во неговата архива се пронајдени куп празни листови. Еве како извести Тhe Onion за тој вонсериски настан.

23-те празни страници, за кои книжевните експерти сметаат дека претставуваат двочинка напишана некаде помеѓу 1973 и 1975, се означуваат како најамбициозно дело на Нобеловецот, авторот на „Чекајќи го Годо“, природно продолжение на неговите порани дела, вклучувајќи го и „Здив“ од 1969, драма од 30 секунди без ликови, и „Не јас“ од 1972, во кое единствениот осветлен дел од сцената е една уста.

„При нешто што изгледа како свесна одлука на г-дин Бекет, белите, истоветни, неозначени страници, ја симболизираат суровоста и празнината на животот, и тие се намерно оставени неподврзани и недопрени“, изјави професорот по ирска литература од Тринити колеџ, Финтан О’Донохју. „За уште повеќе да се нагласи анонимноста и испразноста на човекот на 20-век, тие биле пронајдени, од сите можни места, баш помеѓу други празни листови хартија. Заклучувам дека ова е навистина важно откритие“.

Според книжевниот критичар Ерик Матесон, кој го фали делото заради „структурата ослободена од вишоци и постојаното повторување на нешто што може да се опише како ’ништост’“, драмата на некој начин претставува исчекор од делата на Бекет од тн. „среден период“. Но сепак, како што вели тој и неговите колеги, ова би можел да биде Бекет во најдоброто издание. Насловот според нив би можел да биде „Пет разговори, „Ентрополис“ или „Стоп“.

Други пак историчари велат дека драмата би можела да биде дело на некој од учениците на Бекет.

„Иако централната тема и чудниот смисол за хумор на делото нè тераат да веруваме дека негов автор би можел да биде Бекет, тоа истовремено би можело да биде и на Бекетовиот близок пријател Рик Кланчи. А ако е сепак на Бекет, тогаш има можност тоа да е напишано како зафрканција. Да е Бекет жив, можеби би инсистирал дека тоа и не е драма, туку новела или сценарио“.

Веќе има план драмата да се постави на сцена, во тек на паузата на нова продукција на „Чекајќи го Годо“.

Извор: The Onion

 

10 мај 2017 - 14:39