
Валцерот на којшто ни асоцира 1 јануари и сармата, „На убавиот син Дунав“, изведен од Виенската филхармонија, ќе биде испратен како радио-сигнал од Земјата на 31 мај, како начин да се одбележат два века од раѓањето на неговиот композитор, Јохан Штраус.
Патувајќи со брзина на светлината – над милијарда километри на час - сигналот ќе ја помине Месечината за само една и пол секунда, ќе стигне до Марс за околу 4 и пол минути, до Јупитер за 37 минути, а до Нептун за околу четири часа. За помалку од еден ден, музиката ќе биде далеку колку што е сега „Војаџер 1“, најдалечниот објект создаден од човекот, кој се наоѓа на над 24 милијарди километри од Земјата.
Иако можно е музиката да се претвори во сигнал во реално време, Европската вселенска агенција (ESA), која одбележува пак половина век постоење, сепак ќе пренесе снимка од пробата на оркестарот, направена еден ден претходно, за да се избегнат технички проблеми. Настанот ќе биде проследен со директен пренос и бесплатни јавни проекции во Виена, Мадрид и Њујорк.
Ова не е прв пат музика да биде испратена во вселената. Во 2008 година, НАСА го прослави својот 50-ти роденден со испраќање на песната „Across the Universe“ од Битлси. Минатата година, пак, тоа беше хитот на Миси Елиот „The Rain (Supa Dupa Fly)“ кон Венера. Во 2012, НАСА ја испрати песната „Reach for the Stars“ од will.i.am до роверот Curiosity на Марс, кој потоа ја врати назад на Земјата.
Сега, речиси половина век откако не беше вклучен во познатите „Златни плочи“ на вселенските сонди Војаџер, дојде редот и на Штраус да ја освои вселената со својот безвременски валцер.