Мистериозните скулптури чиј можен автор е поранешната кралица на Холандија

Од 1989 најмалку осум улични скулптури изникнале на улиците на холандскиот главен град. Наводно никој не знае кој е авторот, а некои од теориите за неговиот, во случајов нејзиниот идентитет, ја вклучуваат дури и некогашната холандска кралица Беатрикс.

Во 1982 на улицата Марникстраат во Амстердам се појавува статуа на човек кој трча држејќи футрола со виолина. Нема глава, но изгледа како да ја симнува капата за да отпоздрави некого. Уште еден интересен елемент е корка банана пред неговата нога. Жителите ја нарекуваат скулптурата „Човекот кој се обидува да го фати трамвајот брoј 10“.

На неа нема плочка за тоа кој е авторот. А градските власти мудро молчат за тоа кој ја направил оваа, и уште десетина скулптури во сличен стил кои од тогаш се имаат појавено низ Амстердам.

Во 1989, на пример, на дрво кое според сликата изгледа како јавор, се појавува човече кое се обидува да исече гранка. Поставено е на 30 јануари, ден пред роденденот на кралицата Беатрикс. Кога во 1991 е поставена и третата, и тоа пред вратата на градското собрание, веќе станува јасно дека властите многу добро знаат кој е авторот. Статуата е именувана како „Виолинистот“, направена е од бронза, а музичарот изгледа како да изникнува од подот.

Следува „Бронзената града“ (фото доле) која е поставена суптилно, среде калдрмата на улицата на „црвените фенери“ во Амстердам. Овој пат јавноста реагира на наводниот сексизам, како и на гласните звуци кога некој ќе зачекори врз неа. Вадењето не било лесно, бидејќи рељефот бил врзан со бетонска плоча широка еден метар. Оттаму градските власти презеле мерки таа да остане на местото но да не прави галама. Следуваат уште неколку скулптури, на хармоникаш и на тројца луѓе во разговор.

Во меѓувреме се појавуваат куп теории околку тоа кој би можел да биде авторот. Властите тврдат дека го нашле, дека тие се поставуваат во договор со нив, но дека тој - по професија доктор - сака да остане анонимен. Според новинари кои го истражувале случајот најверојатно се работи за Андре Хаваш, психотерапевт, за кого има многу малку податоци онлајн, а кој наводно во слободно време се занимавал со вајарство. Втора теорија е дека станува збор за американскиот уметник Џин Холт, кој живее и работи во Холандија, но чиј вајарски стил воопшто не личи на спомнатите скулптури.

Сепак, многумина сметаат дека уметникот би морал да биде некој многу влијателен за неговите/нејзините/нивните статуи да бидат поставени на толку значајни места. Дури се оди до таму да се тврди дека поранешната кралица Беатрикс е авторката, за која се знае дека е талентирана скулпторка. Виолинистот наводно многу личел на Клаус, нејзиниот сопруг. Засега кралицата кралски молчи...