Дури и денес ваквата тема би предизвикала благо бранување, но за да се разбере скандалозноста на настапот на Твен треба да се има предвид тогашниот контекст, кога официјалната медицина предупредувала од опасностите на играњето со сопствените гениталии, што според неа можело да доведе дури и до смрт. Викторијанските весници објавувале реклами за машки појаси на невиност, „научни" лекарства кои ја смалуваат сексуалната желба, па дури и за метални прстени што ја спречуваат несаканата возбуда.
На овој постер на пример се прикажани двете животни патеки по кои може да тргне еден маж, при што моментот кога сè паоѓа наопаку е тинејџерското самозадоволување и цигарите. Од тука натаму за момчињата нема чаре.
Остар на јазик, особено кога станувало збор за критика на религијата чии ригидни принципи во однос на телесноста биле вградени и во наводните научни теории, тој ја става темата на мастурбацијата во рацете на големите историски личности и уметници, правејќи го веројатно првиот ваков мешап.
Сите големи писатели, и древни и модерни, се мачеле со оваа тема која има врска и со здравјето и со моралот.
Хомер во Илијадата вели, со фин ентузијазам: „Мастурбација или смрт!".
Цезар во Коментарите: „За осамените тоа е друштво, за понижените е пријател, за старите и импотентните е доброчинител, оние кои се без денар ги прави богати, а тоа е затоа што сепак им дава шанса за величествена разонода".
Робинзон Крусо: „Не можам да ви опишам колку и должам на оваа нежна уметност".
Кетевајо, Зулу херојот: „Дркање в рака е подобро од две во грмушка".
Кралицата Елизабета: „Тоа е заштитен ѕид за невиноста".
Бесмртниот Франклин: „Матурбацијата е мајка на пронајдокот" и „Мастурбацијата е најдобрата политика".
За контроверзноста на говорот да биде уште поголема, тој ја поддржува теоријата на Дарвин за потеклото на човекот од мајмун, поврзувајќи ја токму со самозадоволувањето:
Мајмунот е единственото животно, покрај човекот, коешто ја практикува оваа наука - оттаму тој е наш брат, помеѓу нас постои врска на сочувство. Дајте му на ова восхитувачко животно публика од соодветниот вид, и тој веднаш ќе ги остави на страна сите други работи со кои се бави во моментот, и ќе си го „измава" - тогаш ќе ја видите сета екстатичност со која тој ја врши оваа работа, со интелигентен и човечки интерес кон сопствената изведба.
Знаците пак според кои може да се познае дали некој е склон кон оваа активност според Твен се очигледни: ти е јаде, ти се пие, ти се пуши, ти се дружи, ти се смее и ти се кажуваат вицови. Ама на крај се чувствуваш некако глупаво и тажно. До следното интимно општење со себеси.
Твен цело време ја врти работата накај машките - можеби мисли дека за жените, освен ако не се кралици на Британија, тоа не е интересна тема. Или дека барем не е тема за која се зборува пред членови на престижен џентлменски клуб. Mу простуваме за превидот, и подаваме рака на разбирање.