Имено, г-дин Бабогредац тврди дека Кроација Рекордс ги има сите права за објавување на комплациите со песните на Азра, со оглед на договорите кои Џони ги потпишувал со тогашниот Југотон, а чиј правен наследник е токму неговата фирма. Тој престојувал кај Штулиќ пред неполна година, и за таа средба вели: „Ние во автомобил, на концерти и на турнеи минувавме денови и години. Последен пат се видовме минатата пролет. Сакав да видам како е. Изгледа 10 години постаро, се запуштил, ама тотално. Ме пречека жена му, јас дојдов убеден дека одиме на некој ручек. Надвор пука сонце, преубав ден, а тој сака да се сретнеме во стан кој е во тотален мрак. Ролетните ги нема кренато со години. Ете тоа е проблемот. Џони станал мрачен тип."
Еден од главните адути на Штулиќ е дека самата Кроација рекордс нема склопено ниту еден договор со него. Но, Бабогредац тоа го оспорува, покажувајќи му на новинарот четири картонски кутии полни со договори кои го содржат потписот на Џони. Еден од нив, за дебитантскиот албум „Азра" од 1980., вели дека во рок од пет години на сите членови од групата ќе им бидат исплатувани хонорари согласно договорените проценти за секој музичар одделно (одредени од Џони химселф), но дека и по истекот на овој рок звучниот запис на албумот останува во Југотон, додека Џони може песните од тој албум повторно да ги снима за кој и да е друг издавач. Џони со Југотон потпишал и други договори, со што им дал право на дури 36 свои песни.
„А што да правам? Секоја година некој објавува дека тој ќе нè тужи. Како што ајдуците се будат на пролет, така се будат некои луѓе околу него и гледаат прилика за лесна заработка. Бедно и поприлично несмасно", заклучува Бабогредац. „Нема респекта за мој новац", е стихот со кој Џони би можел да си ја опише маката. Не е лоша навистина малку да излезе на воздух.
Бонус: Интервју на Џони од 1990., привремено вратен од Холандија во татковината. Неговото мислење за македонската дијаспора и Македонците генерално: тие се чудни луѓе, речиси невидливи. Тој всушност нема ни видено вистински Македонец - познава само двајца од историјата, а самиот е третиот.