Антони Балдучи, историчар на хуморот, на својот блог детално ја следи трагата на овој скеч во минатото. Според него тој прв пат бил изведен на сцена во Берлин од страна на браќата Шварц, под наслов „Скршеното огледало". Оваа 15-минутна етида опишувала караница помеѓу слуга и слугинка во куќата на некој богат актер, при што во караницата страда огледалото. Кога актерот се враќа вечерта пијан дома, се погледнува во огледалото, а слугата за да ја скрие бељата ги повторува неговите движења.
Но кога на нивната европска турнеја пристигнале во Лондон, тие сфатиле дека двајца нивни локални колеги го имале ископирано скечот, под наслов „Раноутрински рефлексии". Веднаш реагирале во печатот и поднеле тужба за нарушување на авторските права. Истовремено Макс Линдер, кој работел со браќата Шварц во Берлин, снимил филмска адаптација на рутината, и одбрал баш лош момент, бидејќи тие му се заканиле и нему со тужба. По ова филмот бил повлечен.
Ситуацијата на браќата Шварц излегла комплицирана, бидејќи се покажало дека во истиот момент низ Европа кружеле повеќе верзии од истиот настап, чија оригиналност и поврзаност биле невозможни за докажување. Тие го загубиле случајот, па дури и самите биле обвинети за лаги, на пример дека воопшто не биле браќа туку татко и син. По ова почнале да се појавуваат куп нови верзии на огледалниот скеч - во 1913 на пример трупата на Дорис Вилсон и нејзините сестри Дот и Алма направиле еден наречен „Низ огледалото", кого го изведувале со голем успех цели девет години, во вид на музичка точка со три огледални лика.
Во 1916 во Floorwalker Чаплин го вградува во филмот, и со оглед на тоа што претходниот филмски скеч на истата тема бил повлечен, ова се смета за негово прво појавување на големото платно. Речиси сто години подоцна се уште не сме уморни од истата финта. Во Слејт направиле фина ретроспектива, од Чаплин до најновите Мапети. Еве како изгледа тоа - цепки кои не застаруваат.
Сцените се од:
Floorwalker (Charlie Chaplin), 1916
Duck Soup (Marx Brothers), 1933
I Love Lucy (episode: "Lucy and Harpo," Season 4), 1955
Lonesome Ghosts (Mickey Mouse), 1937
Hare Tonic (Bugs Bunny), 1945
Gilligan's Island (episode: "Gilligan vs. Gilligan," Season 3), 1966
The Pink Panther, 1963
Sleeper, 1973
Girls Just Want To Have Fun, 1985
Big Business, 1988
Johnny Stecchino, 1991
Airheads, 1994
The X-Files (episode: Dreamland, season 6), 1998
Garfield 2: Tale of Two Kitties, 2006
Muppets Most Wanted, 2014