Кoj e фаворит за овогодинешната Нобелова за литература?

Харуки Мураками, Маргарет Атвуд и Салман Ружди традиционално се на списокот и за 2023. Но тука е и кинеската авторка Чен Шуе, како и Норвежанецот Јун Фосе. Кој ќе ја добие останува да се види денес (четврток, 5.10) во 13 часот, освен ако повторно не протече некоја информација како што тоа се случи вчера, со добитниците за хемија.

Чен Шуе e кинеска авангардна прозна авторка и книжевна критичарка, која пишувала за Данте, Борхес и Кафка. Ја нарекуваат најпроминентната кинеска писателка кога станува збор за експериментална проза, а поголем дел од нејзините дела се преведени и објавени на англиски. Таа претходно беше во поширока конкуренција за Меѓународниот Букер за романот „Љубов во новиот милениум“ и збирката кратки раскази „Јас живеам во гетото“. 

Нејзиното име до средата вечер водеше во обложувалниците, но во моментов на пишување на текстов води Јун Фосе, норвешки автор и драматург. 

Од останатите автори во моментов застапени на списокот ги има и „вообичаено осомничените“ Мураками, Ружди, Кадаре, Атвуд. Единствената симетрија што можеме да ја забележиме во листите на досегашни добитници е дека од 2017 принципот е машко (Ишигуро)-женско (Олга Токарчук)-машко (Питер Хандке)-женско (Луиз Глик)-машко (Абдулразак Гурна)-женско (Ани Aрно). Можеби конечно Пинчон?

Она што сигурно знаеме е кој од списокот нема да ја добие наградата - Мишел Уелбек, Пол Макартни, Пол Сајмон, Пети Смит и...Лана дел Реј! (да, и тие се таму) А и на Мураками повеќе среќа следен пат. 

Линк за следење на прогласувањето во живо во 13 часот тука

5 октомври 2023 - 08:56