Фото серија

Koга спамот визуелно ќе оживее

Интересен проект на Кристина де Мидл, британска фотографка, која врз основа на текстовите на оние спам пораки во кои некој бара од вас пари или согласност за некаква чудна трансакција, се обидела да замисли како навистина би изгледале тие луѓе - фиктивни карактери - кога навистина би постоеле. 

 

После 12 години работа како фоторепортер, Кристина де Мидл решила малку да се занимава со уметничка фотографија, но сепак со нешто, како што вели и самото нејзино презиме, кое ќе биде на средина меѓу новинското известување и нејзината фантазија.

Серијата фотографии, наречена „Поли-спам", е базирана на писма какви што сите ние сме добиле на мејл - спам порака во која некој со бизарна приказна се обидува од вас да извлече пари или да ве вовлече во некаква сомнителна трансакција.

„Ако сакате навистина да видите што се случува во светот, само прочитајте еден ваков спам", вели де Мидл. „Тие се совршено дизајнирани за да опишат кои се луѓето кои ви пишуваат, што е она што тие го сакаат, но и кои сме ние: тие ветуваат дека ќе ни ја спасат душата и нашата банкарска сметка со само еден клик, а ние сме склони да им поверуваме".

Ваквите писма кои авторката подолго време ги собирала, станале сценарија за фотографиите, од кои некои веќе постоеле претходно, само биле употребени во нов контекст. Фиктивната приказна станува визуелна реалност. Фотографиите сами по себе не се ништо спектакуларно, делуваат сосема обично, но само до моментот кога ќе се комбинираат со писмата. Тогаш од елементите кои тие ги содржат се развива еден нов свет, во кој банкарот од Того има симпатичен лик на доброчинител, а руската вдовица која го загубила сопругот во цунами на Тајланд како некој на кого навистина му треба помош. 

 

 

 

 

 

 

 

11 јули 2014 - 10:19