Книжарницата се вика Вугуан Букс и е лоцирана во центар за култура и уметност во вториот по големина град во Тајван, Kаосиунг. Кога влегуваат во неа посетителите треба да бидат подготвени на мрак, со мали светилки поставени така за да ги осветлуваат само кориците на книгите. Има и маси со исто така пригушени столни ламби.
Уникатната книжарница е дизајнирана и основана од архитектот Чу Чи-Канг. Мешавината на мрак и светлина креира илузија дека книгите „лебдат“ додека остатокот од околината исчезнува. Во продавницата има 400 полици а на секоја од нив е поставена само една „лебдечка“ книга.
Ова е направено за луѓето да можат да се концентрираат на еден наслов, целото внимание да биде насочено кон книги и да не може да се прават селфиња и снимки за на социјални мрежи. Истовремено, забранета е употребата на батериско светло (или светилка од мобилен).
На влезот има цел ферман правила за однесување во книжарницата меѓу кои и хумористични. „Не викај ако некој ти стапне на прстите - врати му со газење“ или „Ако некој ја сака истата книга како и ти, или купа ја или земи го нејзиниот/неговиот број“. Има и кодирани пораки за љубители на одредени книги или автори. За фановите на Хари Потер пораката гласи: „Ако мислите дека е премногу темно, земете гранче и викнете Лумос!“.