Прва графичка новела создадена од бездомници

Лондонската хуманитарна организација „Акјумулејт“ објави „искрена и болна“ илустрирана книга, во која 18 луѓе го споделуваат своето искуство со бездомништвото.

„Книгата на бездомништвото“ има повеќе од 160 страници, а вклучува колажи, илустрации, стрипови, песни и проза, сите создадени во рамки на тримесечен курс организиран од хуманитарната организација Акјумулејт. Таа организирала различни работилници за креативно пишување и цртање во лондонската галерија Шордич, а со цел бездомниците да ги раскажат самите своите приказни, а не тие да бидат презентирани преку посредници, како хуманитарни работници, медиуми и сл.

Резултатот е опишан како „прва графичка новела создадена од луѓе кои се погодени од бездомништво“. Тие луѓе имаат различни причини како и зошто останале без дом. Некои се жртви на домашно насилство и поради ова биле приморани да го напуштат домот. За други домот е татковината, од која морале да заминат поради војна или други причини. Трети биле прогонувани поради своите убедувања или поради својата сексуалност. Заедничко за сите е дека во моментов не можат да кажат дека имаат нешто што вообичаено се подразбира под „дома“.

Ниту една од овие приказни не е лесна за читање односно гледање, бидејќи се болни и искрени. Работилниците, како и печатењето на книгата, во целост биле финансирани со средства собирани онлајн. Целиот профит од продажбата ќе биде поделен помеѓу авторите, а остатокот ќе се врати во касата на уметничкото школо за бездомни на Акјумулејт. Тука оваа организација обезбедува креативно образование за луѓе кои искусуваат бездомништво, за да ги поддржат во обидите за вработување и за да им ја зголемат самодовербата.

2 декември 2020 - 17:28