Сега навистина ќе може да игра покер со Њутн и Ајштајн

Како Стивен Хокинг се вгради во популарната култура

Еден од најславните физичари на светот, Хокинг почина на ден кој му доликува - на 14 март, роденденот на Ајнштајн, а според американската нотација на календарот 3/14, и денот на Пи. Имаше 76 години и, и покрај хендикепот, богата кариера, која не беше само научна.

Иако медицински „отпишан“ уште на 22 години, кога му е дијагностицирана амиотрофична латерална склероза (ALS), Хокинг и целосно парализиран успеал да работи на голем број проекти, да формулира оригинални теории особено од областа на космологијата, и да напише голем број научни статии кои му обезбедија споредби со Ајнштајн и Њутн.

Но Британецот познат по својата работа на црните јами и на релативноста пошироко ќе остане запаметен и по популаризацијата на науката, преку научно-популарни книги, како бестселерот „Кратка историја на времето“, и книги за деца. Освен тоа, со одлична смисла за хумор и препознатлив „синтисајзер“ глас, нему не му беше шубе дека „ќе му се срони бисерот“ ако се појави во холивудски ситком или во епизода на „Симпсонови“, и притоа уште и ќе се подбива со самиот себе. 

Финалето на шестата сезона на „Стартрек: следната генерација“ во која Хокинг, Ајнштајн и Њутн како холограми играат покер со командантот Дејта.

Се појавуваше и во реклами, како онаа на Британскиот телеком во која вели: „Најголемите постигнувања на човештвото се направени преку зборување, а најголемите грешки преку незборување. Не мора да биде така“. Овие негови зборови се искористени во песната Keep Talking на Пинк Флојд од албумот The Division Bell.

Меѓу најдрагите ни е неговата средба со Шелдон Купер во Big Bang Theory, како и неговите чести појавувања со глас во серијата

Неговиот интересен и богат живот е прикажан во филмот од 2014, „Теоријата на сè“, за кој Еди Редмејн, кој го глумеше во филмот, доби Оскар. Имаше две сопруги и три деца.

Добар лет, професоре!

 

14 март 2018 - 07:40