Јутјуберот со над 57 милиони следбеници (додека го пишуваме ова бројчаникот сигурно регистрирал уште неколку стотини), неодамна беше обвинет за расистички испад во едно од неговите видеа во живо. И тоа не беше прв пат, бидејќи заради истото компанијата Дизни со која беше во лукративно партнерство мораше да ја прекине соработката, откако медиумите обелоденија дека тој постирал девет видеа кои вклучуваат антисемитизам или нацистички симболи.
Иако ова го чинело илјадници долари, неговата база обожаватели постојано расте, а вклучува и политички влијателни десничари кои постојано го бранат и го поддржуваат. Тие му помагаат да пласира приказна дека реакциите на неговите политички некоректни испади се нефер таргетирање од страна на завидливите мејнстрим медиуми, и од навредените, пежоративно наречени SJWs, или борци за социјална правда.
Самиот ПјуДиПај се обиде да се дистанцира и од нео-нацистичките следбеници (нео-наци списание, Д Дејли Стромер еднаш има изјавено дека е „ПјуДиПај фан сајт број 1“), и од други припадници на „алт-рајт“, велејќи дека не сака да има ништо со нив. Но истовремено тој си прави на-ти дај-ми со некои од влијателните десничари, на пример со теоретичарот на заговори Алекс Џоунс, кои го фалеше јутјуберот кога овој ги критикуваше славните личности што се обидуваат да свртат внимание на човечкото влијание врз климатските промени (на пример врз ураганите).
„Херојот на слободата на говорот“, како што го нарекуваат, им служи на десничарите како „канал“ за промовирање на нивната политика на млада публика, која се уште нема право на глас. А вистинското влијание врз неа ќе се почувствува дури за некоја година.