Како да одржиш политички говор на Оскарите без да го зафркнеш

Ете, и тоа се случи. Стоиш на сцената, со Оскарот в рака, пред кремот на Холивуд и пред милиони гледачи. Може да кажеш нешто едноставно, како „фала мамо“. Или да кажеш нешто ангажирано и актуелно. Второто е многу поризично, ама ако знаеш како, може и да го трефнеш моментот.

Од Студената војна, до граѓански права и Трамп, церемониите на доделување награди секогаш биле потенцијални сцени за активизам. Некои од овие говори се навистина инспиративни. Други се утка. Понекогаш оркестарот го замолкнува говорникот уште пред да почне. Значи - ако добиете Оскар и сакате да одржите политички говор, треба богами добро да се подготвите. 

Кенет Бурк, еден од највлијателните истражувачи на реториката на 20 век, нуди корисно упатство. Неговите теории објаснуваат зошто некои говори допираат до слушателите а други не.

Ова се некои од неговите совети:

- Познавај си ги своите двете (многу различни) публики

Во 1950-тите Бурк тврдеше дека реториката не е само убедување, туку идентификација. Говорникот мора да е убедлив кога на публиката ѝ претставува споделени вредности и грижи. Ако луѓето мислат дека сте „еден од нив“, тогаш повеќе ќе слушаат. 

Оскарите нудат уникатен реторички предизвик. Во театарот Долби во ЛА многу е веројатно дека би биле опкружени од разгалени прогресивци кои мислат на сличен начин. Но, вон таа просторија, милиони гледачи дома се по „тврди на уши“. 

Режисерот Мајкл Мур го научи ова на потешкиот начин во 2003 кога откако го доби Оскарот за најдобар документарец за „Боулинг фор Колумбајн“ излезе на сцената и почна да вика: „Срам да ви е, г-дине Буш! Срам да ви е!“. Резултатот? Мешавина од повици за поддршка и „буу“. Наместо да ги привлече луѓето, пристапот на Мур само ја отуѓи другата половина од публиката. 

За споредба, Мерил Стрип во 2017 на доделувањето на Златните глобуси, кога го прими признанието за животно дело, рече: „Непочитувањето поттикнува непочитување. Насилството поттикнува насилство. Кoга моќните ја користат својата позиција за да ги понижуваат другите, сите губиме“. Таа не ни мораше да го изговори името на Доналд Трамп. Бидејќи го концептуализираше својот говор како универзална загриженост а не како едностран напад, тој пристигна до ушите на повеќе луѓе и вон салата. 

- Вметнете се себеси во приказната

Втората идеја на Бурк е дека сета комуникација е „драматична“ - изведба која е одредена од контекстот, ликовите и конфликтот. Во еден политички говор, најинтересниот лик често е самиот говорник. 

Публиката не реагира на апстрактни аргументи. Таа се поврзува со луѓето кои ја отелотворуваат борбата за којашто зборуваат. 

Таков беше говорот на Лили Гледстоун на Златните глобуси од 2024. Кога го доби признанието за најдобра актерка за „Убијци на цветната месечина“ таа не почна со статистики или општи места, наместо тоа зборуваше на јазикот на народот Блекфит, од којшто потекнува. Таа една реченица ја трансформираше нејзината победа во момент на културно признание. 

- Врами го мудро твојот аргументи

Ако сакаш твојата публика да се ангажира, мора да ја внесеш во твојата приказна. Ако само констатираш проблем, тогаш си само уште еден глас во вревата - оној кој го поврзува проблемот со поширока приказна ја има моќта не само да ја опишува реалноста, туку и да ја менува. 

Токму тоа го направи Опра Винфри во својот говор на Златните глобуси од 2018 - наместо само да го осуди сексизмот во Холивуд, таа го поврза ова прашање со пошироките историски движења, од граѓанските права до #MeToo. 

- Говорот може да биде протестен чин

Наместо некој да се убедува во нешто, говорот може да се придвижи од зборовите кон симболичка акција. Најпознатиот ваков чин е од 1973, кога Марлон Брандо одби да го земе Оскарот за најдобар актер, а наместо тоа ја прати Сачин Литлфедр да одржи протестен говор за третманот на северноамериканските Индијанци во Холивуд. За помалку од една минута таа то трансформираше она што можеше да биде тивко одбивање во национално будење. 

- Очекувај негативни реакции и подготви се дали тоа ќе ти биде битно

Без оглед како ќе го скоцкаш говорот, некој ќе се лути, а можни се и поголеми последици по кариерата. Ако некој е мотивиран да истапи со политички став, треба да биде подготвен на секакви реакции. Но и да побрза, за оркестарот да не го „поклопи“.  

28 февруари 2025 - 17:50