Рокуденашико, чиј псевдоним значи „девојка која не ја бива за ништо", стана позната откако на интернет собра повеќе од 10,000 долари за правење кајак во форма на нејзината вагина, наречен pussy boat. Како благодарност на оние кои ѝ испратиле пари за проектот, таа направила дигитални верзии од нејзините гениталии, кои можат да се печатат во 3Д.
Многу бргу по настанот јапонските власти ја упасија, под сомневање дека ги прекршила јапонските закони за опсценост. Таа самата ги негира обвинувањата, велејќи дека ниту ги испратила сликите за пари, ниту пак дека во нив има нешто безобразно. Некои коментатори ја истакнуваат лицемерноста на нејзиното апсење, кое се случило кратко време откако истите тие јапонски власти не се согласиле да ги забранат порнографските слики на деца во манга стриповите и анимираните филмови. Забраната се однесува на производството и дистрибуцијата на ваков материјал, но не и на неговото поседување.
Целта на Мегуми, како што и е вистинското име, е да го сврти вниманието кон отсуството на дискусија во врска со вагините во јапонското општество, кое иако традиционално е прилично конзервативно, истовремено е расадник на најнеобичните сексуални фетиши и поведенија, пред кои дури и најперверзните западњаци остануваат со подзината уста. Иако Јапонија има и богата порнографска индустрија, регулирањето на порнографијата воопшто се врши според кривичен законик од 1907. Иронично е и што во јапонските порно филмови само гениталиите се пикселирани, токму за да се избегне кривичната одговорност по оваа основа.
Сега таа се соочува со две години во затвор и парична казна од 25,000 долари. Кога десет полицајци упаднале во нејзината куќа во Токио таа мислела дека тие само сакаат да ги конфискуваат нејзините дела, но воопшто не очекувала дека ќе биде и упасена. Повеќе од 17,000 луѓе до сега имаат потпишано онлајн петиција за нејзино ослободување. Taa веќе почнала да пишува книга за ова искуство. А ќе беше финта после Куросава да го екранизираше.