Инфографици

Ангажирани олимписки кругови

Што добивате ако ги искомбинирате Олимписките кругови - секој симболизирајќи еден континент - со статистички податоци поврзани со различни теми, од економија до права на ранливи групи? Големи, средни и мали кругчиња кои нешто ни кажуваат.

Онака како што ги замислил баронот де Кубертен, петте Олимписки кругови, заедно со белата позадина, требало да ги претставуваат боите на националните знамиња на оние народи кои се натпреварувале на Олимпијадата во 1912, а не како што вообичаено се толкува, да ги симболизираат петте контитенти.

Сепак, уметникот Густаво Суза токму преку ова второ толкување на боите на круговите, и тоа според него сината за Океанија, жолтата за Африка, црната за Европа, зелената за Азија а црвената за Америка, се обидува да создаде инфографици за битните прашања на денешнината.

Темите се движат од бројот на милијардери на секој континент, процентот на население кое поседува оружје, смртност на новороденчињата или продажбата на Кока-кола. За жал тој не дава информации од каде ги црпел статистичките податоци и како дошол до тоа одредена боја да ја поврзе со конкретниот континент. Како и да е, тие изгледаат интересно, и уште еднаш покажуваат колку интуитивно моќен е симболот на кругот. Едно помало, друго поголемо, и веднаш сфаќаш што е работата.

Еве ги инфографиците и во форма на видео, во кое се претопуваат еден во друг.

4 август 2012 - 13:42