
Денес, 25.02., излегува тн. „тивок албум“ под наслов „Дали е ова тоа што го сакаме?“. Со него над илјада уметници и музичари сакаат да привлечат внимание кон потенцијалното влијание на вештачката интелигенција врз нивниот опстанок, и како професионалци и како луѓе.
Протестот се случува во момент кога Британија планира да го промени законот за авторски права, кој во новата верзија им олеснува на ВИ компаниите да тренираат модели користејќи авторски дела без лиценца.
„Дали во музиката на иднината нашите гласови ќе останат неслушнати?“ - праша Кејт Буш во соопштение за медиумите.
Албумот, поддржан од Били Оушн, Ед О'Брајан од Рејдиохед, членовите на Д Клеш и Џамирокваи, содржи звучни снимки на празни студија и концертни сали, демонстрирајќи го она од што уметниците се плашат, односно потенцијалното влијание на предложената законска промена.
Листата на „песни“ едноставно ја содржи пораката: „Британската влада не смее да ја легеализира кражбата на музика за доброто на ВИ компаниите.“
Владата во моментов разгледува предлози според кои на ВИ компаниите им се дозволува да го користат материјалот кој е достапен онлајн, без да се почитува авторското право доколку тоа го прават за извлекување на текст и податоци за свои потреби. Генеративните ВИ програми „рударат“, односно учат од големо количество на податоци како текстови, слики или музика онлајн, за да генерираат нови содржини кои изгледаат (односно звучат) како да се направени од луѓе. Според овие предлози уметниците би имале право на „опт аут“ односно да не учествуваат, но критичарите на планот веруваат дека нема да биде можно еден писател или уметник да нотифицира илјадници различни ВИ провајдери дека не сака неговото дело да биде користено на тој начин, или да контролира што се случува со него низ целиот интернет.
Уште во јануари сер Пол Макартни изјави дека предлозите можат да „аминуваат“ рип-оф технологија која би им ги одзела дури и основните средства за живот на музичарите. Тој, како и лорд Лојд Вебер и сер Стивен Фрај потпишаа и писмо излезено во Тајмс, во кое предупредуваат на опасноста големите технолошки компании да ги збришат креативните сектори.
Оние пак кои ги поддржуваат спомнатите промени велат дека моменталниот режим е пречка за креативните индустрии, медиумите и ВИ секторот да го реализираат својот целосен потенцијал.