За антологискиот албум на Колтрејн, суитата во четири става A Love Supreme, на чиј крај тој свири не ноти туку зборови, веќе пишувавме тука. Оригиналната композиција е отсвирена на саксофон и претставува славење на Бога.
Запознајте го сега Руфус Харли, со мешано афро-американско и домородно индијанско потекло, за кого велат дека е првиот џез музичар кој ја искористил шкотската гајда за музицирање во овој жанр. Идејата ја добил кога трогнат ја слушал Amazing Grace исвирена на гајди на погребот на претседателот Кенеди во 1963 - купил гајда на старо за 120 долари и почнал да зема часови. Освен свои композиции често и свирел преработки на џез стандарди, но и сложени џез дела, како ова на Колтрејн.
Во ова клипче од телевизиски квиз, учесниците во некоја верзија на онаа детективска игра во „Квискотека“, бескрајно шармантно се обидуваат да погодат на кој тоа инструмент свири господинот Икс, набројувајќи сè дувачко што знаат, од обоа, кларинет и завршувајќи со пиколо. А потоа тој самиот настапува на гајдите, со изведба која ги руши сите стереотипи дека тие не можат да бидат џез инструмент. Го замислуваме и како пред кооперација свири на селската слава, некоја верзија на пајдушко.
А ова е неговата изведба на парче од Колтрејновата суита
Прилог: некрологот во Гардијан по смртта на Харли во 2006