„Дејвид Холмс: момчето кое преживеа“ е документарец кој наскоро ќе биде прикажуван на ХБО. Тој е посветен на човекот кој бил близок соработник на Даниел Редклиф на филмовите за Хари Потер, до моментот кога се здобил со тешки повреди на 'рбетот во текот на снимањето на „Хари Потер и реликвиите на смртта 1“ во јануари 2009. Талентиран гимнастичар од Есекс, кој бил избран да го игра двојникот на Хари во првиот филм, си го скршил вратот и останал парализиран од градите надолу.
Документарецот ќе вклучи снимки од последната деценија, материјал зад сцените од каскадерството на Холмс, моменти од неговиот сегашен живот и интервјуа со Холмс, Редклиф и други.
Двајцата се запознале кога Редклиф имал само 11 години и во текот на следната деценија станале многу блиски. По трагичната повреда, Даниел и најблиските колеги-каскадери се обидуваат да го поддржат Дејвид и неговото семејство во најтешките моменти.
Режисер е Британецот Ден Хартли, а според ХБО филмот не е само приказна за еден човек и едно пријателство, туку покрива универзални теми за издржливоста и нескршливоста на човечкиот дух.
Холмс денес има 42 години. Во претходно интервју има раскажано дека несреќата се случила кога тој во сцена снимена во студиото на Варнер Брос во Ливсден, одбивајќи се од дебела жица што требало да предизвика ефект на летање по експлозија всушност удрил во ѕид и веднаш го скршил вратот. Неговата приказна има за цел и да го разбие митот за каскадерите како „надлуѓе“ кои можат да поднесат сè. Но кога треба да бидат удрени од кола или да паѓаат од скали тие навистина го прават тоа, често повредувајќи се, иако публиката мисли дека станува збор за визуелен ефект.