Необично е што постојат предмети како филозофија на уметност, на спорт, на изведувачки уметности, а притоа студентите ни минимално не учествуваат во активностите или уметничките форми за кои филозофираат. Недостатокот на личен ангажман е клучен кога треба да се анализира перспективата на набљудувачот - сликарот, танчарот, актерот, кловнот. Предмет кој ги спојува циркуските и филозофските вештини, воведен од професорката Мег Валас од Универзитетот Кентаки, е обид да се истражи овој јаз.
Како што се објаснува на сајт со необично име, „Естетика на птиците“, курсот кој таа го предава е поделен на два дела: денови со физичка активност, каде инструктори прават обука за циркуски вештини, како жонглирање и балансирање, и потрадиционален дел, денови за дискусија, кога се читаат и се анализираат филозофски дела.
Циркусот е одбран токму поради својата лефтерна природа - ако не знаеш да сликаш или пееш подобро да не настапуваш, но дури и ако не си особено талентиран како изведувач можеш да учествуваш во тимски циркуски точки како градење „човечка пирамида“ или барем да ги засмејуваш гледачите со својата неспретност.
Циркусот како дисциплина исто така има многу интересна естетичка еволуција, од традиционалниот циркус и неговиот црвено-бел шаторски изглед, до многу помодерни и провокативни верзии на новиот и современ циркус, кој повеќе личи на перформанс. Во последно време циркусот се користи и како форма на рекреативно вежбање, за подобрување на флексибилноста, силата и здравјето, или како авантуристички пристап кон групен фитнес. Циркусот е исто така вообичаено користен за промоција на правда и активизам во заедниците, во форма на социјален циркус.
Како таков, тој поседува голем потенцијал за длабоки дискусии за голем опсег филозофски теми од областа на етиката, социјалната и политичката филозофија, естетиката, епистемологијата итн. Исто така, по дефиниција е интердисциплинарен, па студентите од други катедри вон филозофијата можат лесно да се вклопат. Сè што е потребно се жонглерски реквизити, подготвеност за мислење вон традиционалните образовни практики и тимски дух.