Фриз арт фестивал 2015

Човекот што црта портрети на пениси

Фриз фестивалот кој се одржува во Лондон во октомври (завршува денес 17.10) е основан 1991 и е еден од најголемите светски уметнички саеми. Оваа година еден уметник привлече посебно внимание иако не правеше ништо особено - само црташе портрети.

Кен Кагами на годинешниов фестивал ги сликаше гениталиите на посетителите, седејќи на масичка, опремен само со молив фломастер и хартија, како оние цртачи на портрети на плажите и плоштадите на големите градови. Иако звучи преедноставно за да биде интересно, редот е голем, и се движи брзо, бидејќи Кагами ги црта портретите за само 30 секунди.

Токискиот уметник и претходно има произведувано смешни скулптури од секојдневни предмети, како чевли, перници и часовници. И токму хуморот му е најважен, а не некаква критика на современата уметност, како што првично се толкуваше неговото цртање гениталии.

Кагами црта пениси за неговите машки субјекти, но кај жените се држи до градите. Зошто не вагини? „Тие се премногу едноставни. Тоа е само дупка", одговара уметникот. „Сакам нешта кои се долги, кратки, остри, кои имаат врв". Размислува евентуално за серија „Вагини на ѕвездите", која добро би одела со постоечката збирка на пениси на славните, која се трупа на неговата работна маса.

Луѓето сепак не му се соблекуваат, туку тој проценува каков би можел да изгледа нивниот полов орган според неколку надворешни карактеристики - дали имаат голем нос, мали очи, густа коса. Најмногу сака, заради очигледни причини, да црта мажи со ќелави глави и мали наочари. А што ако некој не го сфати вицот и почне да навредува? „Тогаш ќе му нацртам мал пенис. Затоа што мал пенис е многу тажна работа."

17 октомври 2015 - 10:10