
Во неделата, 13 април, граѓаните на Челси во Мичиген направија демонстрација на нешто што со НВО терминологија се нарекува „комјунити ингејџмент“, но многу едноставно значи - работа за општо добро. Откако дознале дека локална книжарница треба да се релоцира на само еден блок оддалеченост, градот се солидаризирал и на тој начин го преселил целиот фонд од 9100 наслови.
Како? Па просто. Луѓе застанеле едни до други формирајќи „човечки синџир“ и со подавање (како на времето на младинските акции со цигли) ги пренеле книгите една по една.
Книжарницата се вика Серендипити, а нејзината сопственичка имала проблем со буџет за најмување фирма за преселби, која барала многу пари за толку мало растојание.
Откако ја објавила преселбата на социјалните медиуми, луѓето без состаночења и мудрувања се наместиле еден до друг во стилот на подавањето кофи за гаснење пожар како што се правело во истиот град во 19 век. Помеѓу 300-те учесници имало и 91-годишна госпоѓа. Други со себе ги носеле кучињата и децата. Кога минувачи ќе ја здогледале човечката „трака“ сами се придружувале.
Уште поинтересно е што волонтери на секоја страна од синџирот воделе сметка книгите да останат по азбучен распоред. Целиот проект завршил за - два часа! Сега, групата на волонтери прераснала и во читачки клуб, каде се споделуваат препораки.