
Томаш Гариг Масарик е првиот претседател на Чехословачка, кој на нејзино чело бил од 1918 до 1935. Оттаму, тој се смета за „татко“ на оваа држава. Починал помалку од две години откако му престанала претседателската функција, на возраст од 87 години. Неговиот син, Јан Масарик, ги запишал последните зборови на татка си непосредно пред неговата смрт во септември 1937 година, а ковертот беше чуван затворен до денес, кога со директен пренос беше покриено неговото свечено отворање.
Целото известување од церемонијата која се одржа во замокот Лани во близина на Прага, во присуство на актуелниот преседател Петар Павел, беше на чешки, па оттаму ќе се почека да излезат соопштенијата за тоа што точно станува збор во писмото, кое барем во преносот, кога ковертот се отвори (некаде околу 43-тата минута), изгледаше дека има повеќе страници.
Патот на писмото е добро документиран. Пред Јан Масарик да умре под сомнителни околности, само неколку дена по комунистичкиот преврат во 1948 година, писмото му го оставил на својот секретар Антонин Шум. Тој успеал да го изнесе од земјата, која тогаш станала советска сателитска држава. Шум и уште еден поранешен секретар на Јан Масарик, Лумир Соукуп, го чувале писмото со децении и во 2005 година го предале на Чешкиот национален архив, со услов да остане запечатено 20 години.
Тоа ограничување истекло денес, 19 септември, па Чесите очекуваа конечно да дознаат што рекол нивниот прв претседател пред да почине. Според написи на социјалните мрежи, некои очекувале зборови на мудрост или предупредување за војна и за опасноста од Русија, други пак замислувале практични пораки, па дури и рецепти за традиционални јадења.
Томаш Гариг Масарик, познат и како ТГМ, потекнувал од скромно семејство, бил професор по филозофија и одиграл клучна улога во европската политика за време и по Првата светска војна. Неговата оставнина и денес има речиси митска тежина. Останал запаметен како исклучителен државник со ретка комбинација на интелект и политичка мудрост, но и како скромен, достапен „татко“ на својот народ.