Бил контроверзна личност - џуџе и џин

Се сеќавате на онаа реплика од претставата „Радован Трети“ - „беше контроверзна личност, сув и дебел?“. Епа, запознајте го Адам Рајнер.

Кога Адам Рајнер наполнил 18 години бил висок едвај 122 сантиметри. Веројатно посакувал да порасне уште две-три педи, за да не го закачаат на школо. Но не можел да претпостави дека за неколку години неговата желба не само што ќе се оствари, туку и ќе претера со остварување. 

Роден во Грац во 1899, тогашна Австро-Унгарија, Рајнер како дете бил многу болешлив и слаб. Кога станал полнолетен бил одбиен да служи војска во Првата светска војна, со оглед на џуџестиот раст - висината за војник требало да биде минимум 147 см.

Неколку години подоцн како резултат на тумор на хипофиза, кој бил утврден многу подоцна, Рајнер одеднаш почнал да расте. Помеѓу неговите 20-ти и раните 30-ти добивал на висина со просек од 9,14 см годишно. До својата 33-годишна возраст веќе имал 218 сантиметри, а сменил и број на чевли, од 43 на 57 и пол. Додуша, и во младоста кога се водел како пренизок за својата возраст, имало знаци дека не е сè како што треба - имал огромни раце и стапала во споредба со генералната висина (оттаму и чевлите број 43). 

Откако бил констатиран туморот, операцијата врз него ја извршил доктор Оскар Хирш, пионер во оваа област. Но штетата дотогаш веќе била направена - Рајнер тешко одел, имал деформиран р'бет и бил нестабилен. Кратко време по хируршкиот зафат морал да живее во дом за стари каде останал до крајот на животот. Починал на возраст од 51 година, кога имал финална висина од 234 сантиметри. 

Така, тој останал запишан во историјата како единствениот познат човек кој бил регистриран и како џуџе и како џин.

28 мај 2025 - 09:00