Есента 1945 Ал Хиршфелд добил задача да илустрира статија во културната рубрика на неделното издание на Њујорк Тајмс, поврзана со тогаш актуелен мјузикл. Истиот ден се родила неговата ќерка Нина. Седејќи во болничката чекална тој се обидувал да скицира нешто за да си ја исполни обврската, кога му текнало да го одбележи големиот ден со тоа што во цртежот ќе вметне скриена порака - името на неговата ќерка, кое не било забележливо на прв поглед, но стоело таму пред очите на сите.
Ова било симпатичен почеток на нешто што продолжило како традиција во следните децении. Написот НИНА се појавувал скриен во портретите кои тој редовно ги цртал, во косата на познатите личности, во аголот на нечија уста, во драперијата на фустаните или во други детали незабележливи на прв поглед. „Најди ја Нина“ станало омилена занимација за читателите на Њујорк Тајмс, игра за децата и внуците. По сугестија на читателите, во 1960 Хиршфелд почнал да става број до својот потпис кога имало повеќе од една НИНА на цртежот.
Секако, ова со името не е единственото по што е познат овој карикатурист. Неговите цртежи се иновативни обиди за воспоставување на визуелниот јазик на модерната уметност преку карикатурата, а тие се имаат појавено во речиси сите големи весници. Самиот се опишувал како „карактерист“ а велел дека неговиот придонес се состоел во тоа да го преземе ликот, креиран од драматург или сценарист и портретиран од актер, и да го преобмисли и интерпретира за читателот. На неговите цртежи се појавуваат Мерлин Монро, Марлон Брандо, Пол Њумен, Битлси и голем број други славни личности од втората половина на 20 век.
Majката на Нина, Доли, починала од рак на возраст од 84 години. На 93 години Хиршфелд се преженил. Починал на возраст од сто години од природна смрт.
Обидете се сами, во цртежов НИНА се појавува два пати: