Новото издание на Леонард Коен, „Балет на лепрозни“, содржи неколку парчиња кратка проза, радио драма и роман. Сите се напишани помеѓу 1956 и 1961, односно помеѓу периодот кога тој се уште живеел во Монтреал и оној кога преселил на островот Хидра во Грција. Уредник на книгата е Александра Плешојано, долгогодишна истражувачка на делото на Коен, која го има напишано и поговорот. Најавена уште во февруари, таа ќе излезе на 11 октомври.
Според издавачот, Гров Прес, главна тема на романот се токсичните врски и до каде може човек да оди за да ги одржи. Во случајов не станува збор за љубовна, туку за врска помеѓу 35-годишен продавач кој почнува да живее со својот дедо во мала и пренаселена куќа полна кираџии. Дедото е често насилен, а нараторот (кој е неименуван) и покрај сета љубов кон дедото на моменти чувствува дека и самиот станува агресивен.
Најверојатно станува збор за автобиографска цртичка, за тешкотиите со кои Коен се соочил со сопствениот сенилен дедо.
Романот од 91 страница најпрвин бил одбиен од двајца издавачи. Но Коен до крајот на животот тврдел дека тој е веројатно подобар од неговото славно прозно деби, „Омилената игра“, објавена во 1963.
Засега расказ од збирката под наслов „Срцето џубокс“ може да се прочита тука.