Во говорот со којшто ја објави својата кандидатура за претседател, Трамп меѓу другото изјавил:
„Ни треба водач кој ја има напишано Уметноста на договорот".
Во моментот кога Шварц го слушнал ова, веднаш твитнал:
„Благодарност до Трамп што сугерира дека треба да се кандидирам, со оглед на фактот дека ЈАС ја напишав книгата".
Шварц на времето за пишување на книгата добил (внимание!) 500,000 долари аванс и половина од профитот. Книгата е продадена во повеќе од милион примероци, а на Американците ликот на Трамп засекогаш им се врежа како успешен тајкун. „Тони го создаде Трамп. Тој е д-р Франкештајн", изјавил поранешен уредник на авторот.
Во 1985 Шварц минал 18 месеци со Трамп, спиејќи во неговата канцеларија, возејќи се со него во хеликоптер, минувајќи викенди на неговите иметои. Сепак, до моментот кога го постирал твитот тој никогаш јавно не зборувал за него. Сметал дека неговата кариера на „дух-писател" е завршена, исто како и оваа приказна. Сè додека Трамп не се кандидирал за претседател, кога Шварц се почувствувал како неволен соучесник во целата кампања.
Најпрвин се тешел дека тој и онака нема да стигне далеку. Но како што приказната се развивала, и голем број луѓе не ја забележувале според него „патолошки импулсивната и самобендисана личност на Трамп", така и желбата на Шварц да ја каже вистината се зголемувала. Од друга страна, факт е дека на времето тој фино искеширал од ласкањата, што му одземало од кредибилноста. Нo одлучил дека ако молчи, а потоа Трамп биде избран, никогаш нема да си прости. Затоа во јуни го дал првото интервју во кое вели:
„Намачкав кармин на свиња. Длабоко жалам што го претставив Трамп така што тој доби пошироко внимание и го направив попривлечен отколку што тој навистина е. Верувам дека ако тој победи и ги добие кодовите од нуклеарките, тоа е одлична можност за крај на цивилизацијата".
Доколку денес би требало да ја напише истата книга, додал тој, таа би имала поинаков наслов - „Социопатот". Според Шварц неговиот карактер не се вклопува во каков и да е модел на човечко однесување. „Тој зазема само две позиции. Или сте скапан измамник и лажго, или сте најдобриот. Јас за него станав најдобриот".
Сепак, пишувањето на книгата не одело толку лесно. Особено биле тензични интервјуата во кои Шварц се обидувал да дознае нешто за детството и младоста на неговиот „субјект“. Доналд одговарал само површно и нервозно ги прекинувал сесиите. Се однесувал како дете што не може да доседи на час, немал концентрација и лесно се иритирал - особини што и не се баш најсоодветни за претседател на држава. На ова се надоврзува фактот што тој не чита - запрашан во едно интервју за неговата омилена книга, ја одбрал „На Запад ништо ново" од 1929, велејќи дека од новите книги чита само делови, затоа што нема време. Овој став не го делат повеќето претседатели на САД - Обама редовно ги следи новите книги, особено од областа на историјата и политиката, а дури и Џорџ Буш се натпреварувал кој ќе прочита повеќе книги со неговиот политички советник Карл Ров. Зачин на сето ова е изјавата на првата жена на Трамп, чувал копија од собраните говори на Хитлер на полица крај креветот.
Додека ја пишувал книгата Шварц водел дневник, а забелешките во него од денешна гледна точка се дури и пророчки: „Единствено што му останува на овој човек гладен за внимание е да се кандидира за претседател. Да може да се кандидира за император, и тоа би го сторил". Но најголемиот шок дошол по екстравагантната забава за промоција на книгата на која имало 900 гости, кога Трамп му се јавил за да го извести дека со оглед на тоа што е ко-автор, треба да плати половина од трошокот за настанот, сума со шест цифри.По преговарање околу сумата, Шварц на крај пишал чек не на Трамп, туку за хуманитарни цели.
Кога неодамна почнал да дава интервјуа и да се оградува од мемоарите, Трамп му се јавил и го обвинил дека е нелојален. Но ова тој воопшто не го зел за сериозно, затоа што „секој е заменлив во светот на Трамп, и ништо не е лично". Милиони луѓе кои би гласале за него треба да знаат тоа - дека нему ама баш ич не му е гајле за нив, заклучува тој во Њујоркер.