Дејан го запознавме кога дојде да сече една стара и веќе опасна-по-живот бреза во комшискиот двор. Опремен како Терминатор во светот на дрвосечачите, со сигурност и со истовремено спокојство на зен мајстор, кој знае кога е време за садење, кога за берење, а кога за сечење, тој отвори пат за нови фиданки.
По образование шумарски инженер, а по занимање градинар и „арборист“, тој денес почнува да ја расчистува и да сади текстови и во оваа негова виртуелна бавча, во која се надеваме дека на пролет ќе никнат и рузмарин, јоргован и грмушки јасмин. Му нарачуваме уште од сега и една лозница, за кога ќе фатат горештините заедно да правиме сиеста дур врти прскалката.
"Зошто не ми сечат ножиците?" е неговото сефте. Аирлија работа.