@Russia му ја згреши мечката на Путин

Во желба што повпечатливо да му го честита роденденот на рускиот претседател, официјалната верификувана Твитер сметка @Russia го намонтира Путин до една масивна мечка, и сега Американците им фаќаат сеир дека мечката не била нивна.

Сметката @Russia и не може да биде поофицијална, ем го има синиот амблем, ем е управувана од вработени во руското министерство за надворешни работи.

Веднаш под твитот се наредија коментари дека мечката е дел од диорама од Американскиот музеј за природна историја од Њујорк, и како второ тоа воопшто не е руска мечка, туку е примерок на американска кафена мечка.

Потоа се приклучи и официјалната Твитер сметка на музејот, која појасни дека се работи за кафена мечка од Аљаска која е дел од диорама уште од почетокот на 1940-те, и дека ова се најголемите кафени мечки на светот главно благодарејќи на исхраната базирана на лосос.

12 октомври 2021 - 10:35