Курдисани за купување

Речиси еден век трае премолчениот договор на продавачите на часовници нивните производи да покажуваат 10 часот и 10 минути. Науките кои го проучуваат мозокот ја потврдуваат генијалноста на продажната интуиција.

Ако не на излог на некое блиско дуќанче за часовници, ова можете да го проверите веднаш на вашиот интернет пребарувач на слики ако побарате "watch images". Речиси сите покажуваат исто време, 10 и 10.

Како и секогаш, објаснувањето им е најлесно на оние што веруваат во завери па можат да го објаснат ова со фактот дека во тоа време биле убиени и Џон Ленон и Мартин Лутер и Џон Кенеди и Абрахам Линколн, а и Нагасаки и Хирошима гореа во тоа време.

Но, традицијата зад овој стандард е постара и ја поставува њујоршката компанија Hamilton Watch која прва ги мести своите часовници на ова време, рушејќи го претходниот стандард за местење на 8:20.

Да, на второво часовникот изгледа малку тажен ил намрштен додека со 10:10 се добива смајли. 

Но, не е само тоа, велат неуролози. Зошто, да речеме, не е 6:00 или 2:45? Првото е незгодно затоа што го крие логото на компанијата а за второто (бугарските рапери би рекле: Дръж си краката на три без петнайсе!) науката вели дека би било многу понеефикасно во продажна смисла.

Мозокот различно ги процесира двете ориентации на предметите пред себе: рамната ориентација и попречната односно прекршената (cardinal и oblique). Рамните ориентации потешко ги забележуваме, ни се чинат понејасни а и помалку неврони се задолжени да ги детектираат нив во споредба со оние кои ги регистрираат прекршените ориентации.

На 2:45 часовникот би бил визуелно многу понезанимлив за потенцијалниот купувач, помалку би ја будел нашата љубопитност и несвесна желба да си играме со формите. Не би гледале часовник кој се смее туку обичен круг пресечен на половина.

Научниците кои ги интересира функционирањето на мозокот велат дека генијално е и логото на Федекс, поточно онаа скриена стрелка меѓу "Е" и "x". Нивните истражувања покажале дека и самите симболи за насоки на ист начин ги придвижуваат невроните кои се задолжени за нашето чувство за ориентација. Оттука, перцепцијата на стрелката во логото на Федекс автоматски ја буди идејата за одење кон иднината (во сите култури кои пишуваат од лево кон десно) што е сосема корисно за компанија која ветува брза испорака на предмети.

Се разбира, ова е дополнително мудрување бидејќи самиот човек кој го правел логото на Федекс вели дека од нарачателот само добил задача да го скрати предолгиот назив (Federal Express) и да понуди такво лого кое "ќе биде читливо кога е напишано на камион оддалечен 5 блока".

19 мај 2013 - 14:22