Како Америка пропушти историска шанса да биде секси

1964-та, изборна година во САД. На маргините на главната претседателска трка меѓу Линдон Џонсон (актуелен ВД претседател по убиството на Кенеди) и републиканскиот противкандидат Бери Голдвотер, Американците добиваат шанса да замислат алтернативен пат по кој би тргнала нивната земја. Кандидат: Дизи Гилеспи. Главно ветување: Шеф на ЦИА ќе биде Мајлс Дејвис.   

Кампањата на Дизи Гилеспи не е официјална и главно му помага да собира фондови за CORE (Congress for Racial Equality) и други цивилни организации кои џезерот искрено ги помагал. 

Но, ја прави со сите нишани: беџеви и друг рекламен материјал кои денес имаат раритетен колекционерски статус, "Dizzy for President" станува име на албум од неговиот концерт во Монтереј во 1963-та година, а официјална химна на кампањата е неговата позната би-бап песна "Salt Peanuts" со алтеративен текст:

Your politics ought to be a groovier thing
Vote Dizzy! Vote Dizzy!
So get a good president who's willing to swing
Vote Dizzy! Vote Dizzy!

Три клучни политички точки од кампањата на Гилеспи се:

- бескомпромисно почитување на човековите права;
- повлекување од Виетнам;
- признавање на комунистичката Кина.

А ако и тоа не е доволно за американскиот гласач, тогаш го нуди колегата Мајлс Дејвис за прв човек на ЦИА.

Победува - Линдон Џонсон.

На сличен начин, својата претседателска карма си ја проверуваат и Фела Кути во Нигерија и Вајклиф Џин во Хаити но не успеваат.