Житието на Џон

Генијалниот Џон Клиз веројатно се помалку верува во химната на својата дружина "Always look on the bright side of life". Она што мора да го прави на свои 73 години за да исплива од разводот, британските медиуми го најавуваат со: "And now, something completely DESPERATE".

Монтипајтоновецот не може да дигне глава откако пред 4 години се разведе од својата трета жена, психотерапевтот Алиса Ајкелбергер, со договор да и испружи 12 милиони фунти. Досега има дадено 8 а до 2016-та мора да исплаќа по 612.000 фунти алиментација годишно.

И затоа, не пребира што ќе работи. За пари држи предавања, работи синхронизации, снима понижувачки реклами, главно за во странство, веројатно од срам од домашната публика.

Го има во рекламен спот на јужноафриканска тв станица каде е облечен како кловн, за Израелци рекламира чоколатца, за Германија се облекува како ловец без панталони, промовира веб сајтови... Признава дека не направил ништо паметно во последните 30 години.

Неодамна на аукција понуди 100 уметнички слики од својата колекција надевајќи се дека ќе собере 450.000 фунти за да излезе од црвеното салдо. На аукција даде и фотки и други спомени од времето на Монти пајтон. Слободното време го користи за пишување автобиографија за која има земено аванс од 200.000 фунти.

Од последните негови интервјуа може да се заклучи дека е огорчен на целата шоу биз индустрија но и на самиот себе, затоа што не водел повеќе сметка за финансиите па на стари години мора да прифаќа понижувачки ангажмани.

Ама сега има и четврта жена. Венчавката со неа, за пари, ја понуди како ексклузивитет на еден таблоиден магазин. 

 

26 август 2013 - 12:36