Монтипајтоновци се испокараа на стари години

Ерик Ајдл неочекувано запука по Џон Клиз велејќи дека тој отсекогаш бил некој што ги малтретира оние со кои работи. Клиз потврди дека не сега, туку отсекогаш се презирале. Ајдл е разочаран што на стари години мора да работи и за тоа ја обвини ќерката на Тери Гилијам. Палин е со Клиз а останатите двајца Пајтоновца имаат среќа да не учествуваат во оваа неславна геријатриска епизода на славната трупа.

Ерик Ајдл деновиве баш изненади кога ничим изазван обелодени дека седум години не зборува со Џон Клиз за кого рече дека отсекогаш бил насилник во групата а особено груб бил со Тери Џонс кој во 2020 година почина дементен на 77 годишна возраст.

Не е само тоа, и парите се проблем. Ајдл се пожали дека на свои 80 години уште мора да работи затоа што приходите од Монти Пјатон се очајни. За тоа ја обвини Холи Гилијам, ќерка на Тери Гилијам која го менаџира брендот.

„Не ни сонував дека на оваа возраст приходите ќе бидат толку катастрофални. Но, ако ставите дете на Гилијам да ви биде менаџер, тоа и не треба многу да ве изненадува. Еден Гилијам е лоша вест, два Гилијама можат да уништат компанија,“ напиша Ајдл.

На реакција од Џон Клиз (84) не се чекаше многу.

„Ние отсекогаш се презиравме и се мразевме но вистината почна да излегува дури последниве години,“ напиша тој и дополни дека Мајкл Палин (80) сакал да се знае дека и тој мисли како него, исто како и Тери Гилијам.

Клиз ја зема во одбрана Холи и кажа дека после десет години работа со неа, може да каже дека е ефикасна, со бистар ум, вредна и е некој со кој е задоволство да се работи.

На неговата забелешка дека се немаат пари, некој добронамерен на Икс му напиша на Ајдл дека на Монти Пајтон сега им е потребен еден јак документарец, на што овој реплицираше:

„Да ви ги ебам документарците.“

Од вакво резилење на стари години се поштеди Греем Чепмен кој почина уште во1989 година, на само 48 години.

Останатите сите се активни иако Палин се зезаше дека иако не планира да се пензионира, знае да се збуни ако успеее сам да стане од столче.

„Телото рѓосува како стара машинерија која со години те служела ама едно време ќе паднат неколку шрафа, вратата веќе нема да се затвора и тоа е тоа.“

14 февруари 2024 - 18:43