Дедо не беше глуп што пушеше качак

Пушачите знаат како слепци да се фатат за оние 2-3 податока кои на кутиите намерно им ги оставаат тобако компаниите, колку овие да имаат со што да се занимаваат и да им личи дека носат разумни одлуки. Па врз основа на количината катран или никотин, се тешат дека овие се јаки, овие се послаби. А приказната за цигарите е каде-каде покомплицирана.

Во последните 50 години цигарите се комплетно променети и тоа на начин кој ги прави само поотровни за пушачите и тие околу нив.

Од Tobacco-Free Kids кампањата направија инфографик за тоа што се' е ново кај цигарите од 1964-та до денес:

- бронходилатор - додадена хемикалија кога ги проширува дишните патишта, и прави полесно димот од цигарите да стигне до белите дробови.

- зголемена количина на никотин - компаниите ја контролираат испораката и количината на никотин за да се осигури зависност.

- ментол - ментолот го лади грлото и го прави помалку осетливо со што се намалува иритацијата, а со тоа димот од цигарите не остава толку лошо чувство во грлото.

- филтри со вентилација - дупките за вентилација во филтрите им овозможуваат на пушачите поенергично да вовлекуваат, внесувајќи ги канцерогените состојки подлабоко во белите дробови.

- шеќери и ацеталдехид - додавањето шеќери прави димот од тутунот полесно да се вдишува и формира ацеталдехид, кој го засилува ефектот на зависност од никотинот.

- тутунски нитрозамин - американските цигари се прават од мешавина на тутун кој има многу повисоко ниво на канцерогените нитрозамини.

- соединенија на амонијак - додавањето на овие соединенија ја зголемува брзината со која никотинот стига до мозокот.

- левулинска киселина - ова помага во намалување на острината на никотинот и го прави чадот помек и помалку иритантен.

- арома - додадената арома на чоколадо или некое благо го маскира тешкиот мирис на димот од цигарите и го прави производот попривлечен за корисниците, посебно за децата.

Пушењето во САД е на историски ниско ниво (иако ова е оспорено по основа дека пресметката е за проценти од населението на САД кое сега е далеку побројно од кога и да е во историјата), меѓутоа и понатаму останува број еден причина на смртни случаи кои може да се спречат. Годишно во САД од пушење умираат 480.000 луѓе. Од кампањата бараат поагресивна контрола на цигарите од страна на Food and Drug Administration (FDA). Агенцијата дури во 2009-та доби дозвола да го регулира тутунот и цигарите.

26 јуни 2014 - 09:20