Броени денови, како броени пари

Годишен одмор што никој не ти го брои, можеш да си го земеш кога сакаш и да ти трае колку сакаш, е една од најновите фори со кои врвните програмерски компании се обидуваат да ги задржат своите најдобри поединци.

Сите овие повластици се дел од Results-Only Work Environment (ROWE) филозофијата, по која вработените се евалуирани врз основа на тоа што работа завршиле а не колку часови биле во канцеларија.

"Некои компании сфаќаат дека треба да најдат други бенефиции за нивните вработени, бидејќи платениот одмор повеќе не изгледа како некоја бенефиција. Повеќе наликува на контрола," објаснува Џоди Томсон, ко-основачката на CultureRX, консултантската компанија за работна сила.

Од 3-те проценти од американските компании кои ја следат ROWE филозофијата, најголемиот дел се од Силициумската долина.

Така, Evernote им дозволува на вработените да земат неограничен платен годишен одмор, надевајќи се дека со тоа ќе им помогне да го намалат стресот. Она што прво го забележале од Evernote е дека вработените всушност помалку почнале да го користат правото на одмор, сметајќи дека така подобро ќе изгледаат пред менаџментот.

Бидејќи ова не било поентата на компанијата тие почнале и да им даваат стимул на своите вработени кога сакаат да одат на одмор, плаќајќи им по 1.000 долари на секој што ќе реши да оди на 1-неделно патување било каде.

"Нашите вработени се многу подобри откако ќе патуваат. Тие се попродуктивни, и се далеку покорисни за компанијата," изјавил ЦЕО-то на Evernote.

Слична политика има воведено и Xobni, компанијата што прави алатки за пребарување на мејлови, каде 15 од 35-те вработени се префрлени на правилото за неограничен одмор. Од ова најзадоволен е ЦЕО-то на компанијата: "Моја работа е да го правам распоредот за одмор на моите вработени, а јас сум премногу мрзлив да го сторам тоа."

24 јули 2012 - 09:34