Вест која се чита стоечки:

Знаете ли дека имаме бекап за дишење?

Веројатно сте го слушнале она дека премногу седење може да ве убие, но, постои уште една причина поради која, да го дигнете задникот, еден ден може да ви спаси живот.

Научници тврдат дека во вонредни околности, цицачите можат да дишат преку задник, гласи веста која пренесува како јапонски научници демонстрирале дека цицачи можат да апсорбираат кислород преку анусот во случаи на медицинска опасност.

„Знаеме дека анусот е обложен со богата мрежа од фини крвни садови па лековите кои се даваат преку него, лесно се апсорбираат во крвотокот. Тоа нè натера да се запрашаме дали и кислород може да биде внесен во крвотокот со иста леснотија,“ објаснува Рои Окабе од токискиот медицински универзитет.

Експериментирале со глувци и прасенца кои ги изложувале на кислородна оскудност но им давале клизми збогатени со кислород (во течна и во гасовита форма) за да измерат дали на тој начин ќе биде надоместен дел од кусокот. Практично, со мала помош животинките дишеле и преку „излезот“ (нека ни прости ЛГБТ заедницата за ова „еднонасочно“ гледање на работите).

Истражувачите биле инспирирани и со сознанието дека постојат видови како што се некои риби, морски краставици и пајаци кои апсорбираат кислород од спротивниот дел на телото.

За концептот, иако изгледа податлив само за кикотење и зезање, истражувачите веруваат дека може да води кон развивање алтернативен метод за достава на кислород во организмот и во крајна линија еден ден може да спасува животи кога се има работа со респираторни колапси во случаи на болести како пневмонија или ковид 19.

Методот веќе има име, ЕВА, што доаѓа од Enteral Ventilation via Anus.

25 мај 2021 - 14:50