Вили Нелсон им отпеа лекција на политичарите

На единствениот човек кој има запалено џоинт во Белата куќа му се може. Пред преполна сала американски политичари кои деновиве најмногу се занимaваат со темата за сириските бегалци, Вили Нелсон отпеа "има место за сите во Америка".

Парискиот масакр и во САД ја заостри дебатата околу судбината на луѓето кои доаѓаат од Сирија. Доналд Дамб побара сите муслимани во земјата да бидат регистрирани во посебна дата база, неговиот републикански соперник за претседателски кандидат Бен Карсон ги спореди бегалците со бесни кучиња, Конгресот со огромно мнозинство изгласа построги критериуми за влез на Сиријци во САД а кога новинарка на CNN оваа вест ја проследи на својот твитер со коментар "Статуата на слободата штотуку ја наведна главата", веднаш доби суспензија од работа на две недели.

Во таква атмосфера, култниот бунтовник на американската фолк музика Вили Нелсон ја прима Гершвиновата награда. Сала на Конгресната библиотека, преполна со политичари, законодавци и друг битен свет.

"Оваа песна ја напишав пред многу години и мислам дека денес е добро време да се обидеме да ја вратиме", изјави 82 годишниот Нелсон по што во придружба на два свои сина ја отсвири "Living in the Promiseland" во која пее "Дајте ни ги вашите уморни, вашите слаби, и ние ќе ги направиме силни".

По настапот Нелсон добил неподелен аплауз од сите присутни а домаќинот на приредбата рекол дека само тој може да натера Демократи и Републиканци да се сложат околу нешто.

20 ноември 2015 - 09:31