Лажен Нобел 2014

Бројни новински агенции и медиуми деновиве ја пренесоа веста дека двајца норвешки парламентарци го номинирале Едвард Сноуден за Нобеловата награда за мир. И двајцата преку ноќ станаа познати по вест која е - лажна.

Вакви „номинации" се појавуваат секоја година, и се рециклираат со едноставно менување на името на некој славен лик во насловот. Во октомври оваа година се појави муабет дека „рускиот претседател Владимир Путин е номиниран за Нобеловата за мир од група за поддршка која му оддава признание за мирното решавање на сиријско-американскиот конфликт во врска со хемиското вооружување". Во 2012 стотици новински агенции известија за номинацијата на Бредли Менинг (и тоа направена од еден од парламентарците кои сега го номинираат Сноуден). Во 2011 нашироко се зборуваше за потенцијалното наградување на Џулијан Асанж. Најинтересно беше во 2006, кога поранешен шведски вице-премиер и парламентарец ги номинира поранешниот амбасадор на Обединетите нации Џон Болтон и десничарот Кенет Тимерман, автор на книги за иранската нуклеарна програма и за тоа како Французите ја „издале" Америка. На книгата на Тимерман „Одбројување до криза" дури пишува дека нејзиниот автор е „номиниран за Нобеловата за мир".

Сноуден можеби ја заслужува наградата. И можеби навистина ќе ја добие. Но фактот дека речиси секоја година излегуваат вакви „номинации" сепак не е за потценување. До толку ли се медиумите глупи постојано да наседнуваат на истиот трик, или и ним им одговара вревата која ја создаваат, без оглед дали се работи за номинација за која сите навиваат, или таква која е апсурдна?

31 јануари 2014 - 11:18