Како медиумите ја саботираа саботажата на Северен тек

Ако со повремени дози вистина јавноста некогаш се имунизираше да не ги дознае границите на слободното новинарство, денеска стратегијата е карантин. За теми кои се неподобни веќе нема место во корпоративните медиуми. Како нападот на гасоводот стана интелектуална „зона на забранети летови“?

Она што се нарекува „корпоративни медиуми“ во суштина е државно-корпоративен медиумски систем. 

До неодамна, новинарски имиња како Џон Пилџер, Роберт Фиск и Питер Оборн беа редовни во национални меидуми а нивните документарци добиваа простор во ударните термини. Денес тие се речиси укинати: 

„Во последниве години, некои од најдобрите новинари беа елиминирани од мејнстримот. Просторот што порано беше отворен за талични новинари што одат против ветрот, оние што зборуваат вистина, е затворен“, ја коментираше ситуација, Џон Пилџер. 

Играта е сменета. Во доба на дигитално новинарство - силно филтрирано низ алгоритми и скриено банирање - елитите повеќе не се сигурни дека вистината можат да ја контролираат само преку „слободните медиуми“ и нивните послушни новинари.

Така било и порано, само што некогаш, со повремени дози вистина јавноста се имунизираше од сознанието за границите на слободното новинарство. Но, ако некогаш стратегијата беше вакцинација, денес е карантин: фактите, па и цели теми што не ѝм одговараат, се држат надвор од јавноста и за нив не се зборува. 

Добар пример за ова е написот во Обсервер, „Како Обсервер гледа на глобалната ескалација на руската војна во Украина“, каде ниту еднаш не се спомнати терористичките напади на Северен тек 1 и Северен тек 2, иако обата се случија само две недели претходно.

Гасоводите се мулти-национален проект кој годишно носи 55 милијарди кубни метри природен гас, од Русија кон Европа. 51% од гасоводот чија изградба чинеше околу 15 милијарди долари е во сопственост на руски Газпром. 

Поентата ја убоде медиумскиот монитор FAIR (Fairness and Accuracy in Reporting): 

„Секоја посериозна репортажа околу нападите би требала да спомне дека противењето на гасоводот беше централна точка во големата стратегија на САД за Европа. На долг рок, целта е Русија да се држи изолирана од Европа, а европските земји да се врзат за американскиот пазар. Веднаш штом германските и руските енергетски компании го потпишаа договорот за изградба на Северен тек 2, целата машинерија на Вашингтон почна прекувремено да работи за да го раскине договорот“

Постојат еден куп докази за ова. Државниот секретар Антони Блинкен, во излагање пред Конгресот во 2021, изјави дека ќе направи „сè за да ја запре изградбата на Северен тек 2“, и додаде дека секој што ќе се вклучи во проектот ризикува американски санкции. 

Ако ова не е доволно, тука е и изјавата на Бајден од февруари годинава:

„Ако Русија направи инвазија... нема да има Северен тек 2. Ќе му ставиме крај на тоа“, изјави за медиумите. (види во: Северен тек во воздух го дигнаа Американците)

Непосредно по нападите, Блинкен рече дека ова е „неверојатна прилика еднаш засекогаш да се елиминира зависноста од Русија„ и дека истото претставува „извонредна стратешка можност за годините што претстојат“.

Инспекторот за оружје на ОН, Скот Ритер оцени дека луѓе во Америка лежат доживотен затвор и со помалку докази од оваа ситуација.

Дури и „озлогласениот“ професор Џефри Сакс, призна дека на сите со кои разговарал им е јасно дека САД стојат зад нападите. Ги спомна и хеликоптерите кои обично се во Гданск, а беа фатена на радар во критичната зона.

FAIR поентира:

„Изгледа дека вмешаноста на САД во нападите на Северен тек 1 и 2 е прогласена за интелектуална „зона за забранети летови“. 

Наместо да укажат на она што се чини очигледно, водечките западни медиуми се врзуваа во јазол.

„Не е јасно зошто Москва би сакала да уништи инсталации кои Газпром го чинеа милијарди за изградба и одржување. Излевањата дополнително ги оддалечуваат од можноста да заработат од горивото што требаше да минува низ тие цевки“, напиша „збунетиот“ Њујорк Тајмс. 

„Нејасно е кој има ќар од уништувањето на инфраструктурата“, подеднакво „нисам одавде“ напиша Гардијан.

Истиот медиум влезе во подлабока логичка вртоломија, па напиша дека НАТО немал интерес, но дека „зад тоа да стои Русија нема никаква логика“.

„Некои европски политичари сугерираат дека Русија можеби ги извела нападите со цел да го продлабочи хаосот во цените на гасот и да демонстрира дека е способна да ја уништи европската енергетска инфраструктура“, шпекулираше Гардијан, цитирајќи и украински политичари кои без никаков резон тврдеа дека Русија стои зад саботажата. 

Приказната ја затворија на следниов начин:

„Британски извори веруваат дека можеби е невозможно да се утврди што се случило“

Уште посимпатични беа Телеграф кои се повикаа на Блинкен дека се работи за саботажа на Русија која „не е во ничиј интерес“. 

Истиот оној Блинкен кој отворено им кажа дека саботирањето на Северен тек 2 е во американски интерес.