Ве молиме да не ширите:

Вистината нема шанси со лагата

Наспроти нашата пуста верба дека „на лагата ѝ се кратки нозете“, Џонатан Свифт на времето напиша „Лагата лета а Вистината доаѓа после неа и се тетерави“. За жал, она што пред три века била само хипербола, денеска е прецизен опис на функционирањето на социјалните мрежи.

Разочарувачката реалност ја потврдува една нова, амбициозна и прва од толкав обем студија на МИТ објавена во Сајенс која го анализирала патешествието на речиси сите големи вести на англиски јазик за време на постоењето на Твитер - 120.000 вести кое минале низ тастатурите на три милиони твитерџии во период од преку 10 години.

Заклучокот е недвосмислен: вистината и фактите едноставно не можат да им парираат на лагите и гласините.  

По секоја проверена метрика од студијата, на Твитер, лагата конзистентно доминира над вистината. Лажните вести и гласини стигнуваат до повеќе луѓе, навлегуваат подлабоко во социјалната мрежа и се шират многу побрзо од точните и вистинити приказни.

„Се чини сосема јасно дека лажните информации, по сите линии, ги надмашуваат информациите. И тој факт не се должи на ботовите туку има некоја врска со човечката природа“, вели Соруш Висуги, експерт за податоци на МИТ.

Алармантните податоци од оваа студија веќе ги разбрануваа академските кругови кои се занимаваат со општествени прашања.

„Мораме да го редизајнираме нашиот еко-систем во 21 -от век. Потребни ни се интер-дисциплинарни студии кои ќе ни помогнат да го најдеме начинот како да го зауздаме вирусното ширење на лажните вести и патологиите кои стојат зад тоа“ напишаа во скорешна студија 16-мина такви професори.

Студијата на МИТ е болно прецизна: Лажна вест во просек стигнува до публика од 1.500 луѓе шест пати побрзо од вистинитата. И тоа важи за сите информативни жанрови вклучувајќи бизнис вести, тероризам и војни, наука и технологија и забава. А најголем успех лагата има - оф корс - кај политичките стории.

Твитерџиите се чини дека дури и преферираат да споделуваат лаги. Дури и кога тоа било проверувано со дополнителни механизми, утврдено е дека кај нив лагата има 70% шанси повеќе да биде ретвитната отколку вистината.

Срамот за ова не е кај автоматизираниот дел од мрежата. Студијата утврдила дека од 2006 до 2016, твитер ботовите подеднакво засилувале лажни и точни вести. Оние што ги шират лажните се луѓето.

Зошто е тоа така? Во игра се две хипотези.

Генерално, тоа е така затоа што вистините некогаш се досадни (јеби га, треба да учиш, да работиш, да те бива, да почитуваш други, да не повикуваш луѓе на улица за да го смените општеството од корен а во следниот твит да се жалиш што мајка ти пак направила боранија). Во тој контекст, лажгите се чинат како нешто „ново“ и на твитерџиите им изгледаат некако поинакви и некако посвежи во однос на регуларниот тек на твитовите.

Второ, лажните вести покренуваат повеќе емоции од вистинитите. Истражувачите создале база од зборови кои се користеле во 126.000 твита и ги пуштиле низ прецизна алатка за емоционална анализа на содржината: се утврдило дека лажните твитови промовираат зборови кои се поврзани со изненаденост и гадење а точните твитови повлекуваат зборови кои асоцираат на доверба и тага.

Како оваа инфериорност на вистината во однос на лагата изгледа во вистинскиот свет? Атлантик наведува два примера од последните американски избори поврзани со најомразениот лик на Твитер, Доналд Трамп.

Во август 2015 година, низ Твитер проструи гласина дека Трамп дозволил неговиот приватен авион да се искористи за едно болно дете итно да биде пренесно во болница. Сајтот Сноупс (кој кредибилно се занимава со расчистување дали некоја гласина е точна или лажна) потврди дека веста, во речиси сите нејзини детали, е точна.

Шест месеци подоцна, во февруари 2016, низ истиот Твитер проструи вест дека починал некој стар роднина на Трамп кој во тестаментот се спротивставил на неговата кандидатура за претседател. „Како горд носител на презимето Трамп, ве преколнувам да не дозволите овој шлаем да стане претседател“, стоело во тестаментот. Истиот Сноупс не најде никаков доказ за роднина, умирање или тестамент и ја отфрли гласината како лажна.

А сега есапот: онаа првата вест, за авионот и болното дете, ја споделиле и ретвитнале 1.300 твитерџии. За втората, за непосточекиот роднина кој се гади од Трамп, како доброволни продажни агенти на лагата се пријавиле 38.000 корисници на Твитер.

 

9 март 2018 - 12:46