И од Украина може расистички да се известува

Во обид да ја долови сликата и да ги запознае гледачите со Киев, американски новинар објаснува дека сепак се работи за „релативно цивилизиран и релативно европски град“, а не нешто налик на тоа што до сега гледале во Ирак и Авганистан. И не е единствен.

„Ова е град во кој не очекуваш или се надеваш дека нешто вакво ќе се случи,“ изјавува новинарот на Си-би-ес, Чарли Д'Агата.

Француски новинар во својот обид за солидарност со Украинците изјави:

„Не зборуваме за Сиријци што бегаат од бомбите на сирискиот режим подржан од Путин.

Зборуваме за Европејци што бегаат со автомобили што личат на нашите за да си го спасат животот.“

Поранешниот заменик јавен обвинител на Украина во гостувањето на Би-би-си, своите емоции ги опиша со:

„Ова е многу емотивно за мене бидејќи гледам русокоси европски луѓе со сини очи... како гинат секој ден.“

Дури и водителот на Ал Џезира во програма изјавува „ова очигледно не се бегалци кои се обидуваат да избегаат од делови од Блискиот исток,“ додека новинарот на ИТВ њуз ужасот го пренесе со „ним им се случи незамисливото, и ова не е земја во развој од Третиот свет, ова е Европа.“

„Импликациите за секој што чита или гледа се јасни:

Многу е полошо кога белите Европејци страдаат, отколку кога се Арапи или не-бели луѓе. Јеменци, Ирачани, Нигеријци, Либијци, Авганистанци, Палестинци, Сиријци, Хондурашани,“ пишува колумнистот на Вашингтон пост, Х.А. Хејлер.

Хејлер забележал дека навредите ги има и вон медиумите, па така за француски политичар украинските бегалци претставуваат „високо-квалитетна имиграција“, а бугарскиот премиер нив ги опишува како „интелигентни, образовани... ова не е бегалски бран на кој сме се навикнале, луѓе за чиј идентитет не сме сигурни, луѓе со непознато минато, кои би можеле да се дури и терористи.“

„Како да во нашиот гнев и ужас од сцените од руската агресија, да сме неспособни да признаеме едноставен факт: сето ова сме го виделе и претходно.

Специјалниот известувач на Ванити феир го негираше токму ова во твит: ’Ова е првата војна што сме ја виделе (што ја гледаме во реално време) која се случува во добата на социјалните мрежи, и сите овие трагични слики прават Русија да изгледа крајно ужасно.’

Твитот беше избришан како и искуствата на многумина што на социјалните мрежи ги документираа ужасите на војната во изминатите децении.

Војската на Путин свирепо интервенираше во Сирија, поддржувајќи режим што убива. Оваа војна доведе до масовна смрт, страдање, уништување и раселување кое се уште не е видено во Украина - меѓутоа одговорот на Западот беше далеку помалку сочувствителен. Истото може да се каже и за американските инвазии и воени операции во Авганистан и Ирак; катастрофалната војна во Јемен предводена од Саудиска Арабија; Израелската окупација на Палестина.

Двојниот стандард е толку очигледен во тоа како ние како Западњаци се однесуваме во меѓународните односи. Премногу често, ја дехуманизираме не-белата популација, намалувајќи ја нивната важност, а тоа води до една работа: Деградирање на нивното право да живеат достоинствено.

Точно е дека државите често пати интервенираат за да ги заштитат своите интереси. И покрај целото зборување за ’вредности’ вообичаено одлуките се носат врз чист прагматизам. Меѓутоа исто така е точно и дека нашите ’интереси’ се формирани во огромен дел од нашите вредности. Кога нашите вредности налагаат дека има цивилизациско скалило, во кое една популација е на едниот крај а сите други се далеку под неа, тогаш ние ја губиме моралната височина,“ порачува Хејлер.

* види и:

Кирил Петков, премиер за пример

4 март 2022 - 13:31