Охридско макало

Тајната е откриена!

Потребни состојки:

  • главица лук
  • вински оцет
  • путер (зејтин)
  • сол

Лук, лук и само лук!

Викендов бев до Охрид и се разбира, не си бил во Охрид ако не си јадел макало! Јас изедов цело тањирче, рекорд ми е цели две и нешто. Нормално со 100 кила леб. Не знам за вас, ама мене чувството кога ќе го пробам ми е неописливо. Со ежење по цело тело, па дури и лице. Знам кои се последиците после сето тоа и секогаш патам, но појако е од мене. Притисокот така фино пополека паѓа што те доведува до една транс состојба во која се ти станува рамно. Ова е во првите саат до два. Потоа сакаш очајно да дремнеш. Откако ќе дремнеш јадеш се благо што имаш, се налеваш со кисели води и на крај едно рупурутче да го убиеш тоа во тебе за да не се убиеш себе. А здивот, за здивот да не правиме муабет или пак мирисот на собата во која ќе се разбудиш утредента. Аууу! И покрај сето ова, јас едноставно не можам да се воздржам, а да не го јадам.

Искрено, долго време прашував како се прави, знаев дека е многу едноставно, но не знаев зошто никој не сакаше да ми каже. Добивав разни рецепти, со леб, со компир, со павлака.. но никогаш правиот. На крај, се разбира дека го дознав и морав да го споделам со вас!

Чекори за подготовка:

  1. Чистите цела главица лук. 
  2. Сите чешниња ќе ги ставите во блендер со малку вински оцет.
  3. Блендате додека не добиете изедначена смеса.
  4. Растопувате путер на страна, нека биде поголема количина. Да речеме 100гр.
  5. Додавате малку сол и блендате без престан додека капка по капка го додавате растопениот путер. За поевтина варијанта наместо путер додавајте зејтин. Тајната е во тоа, капка по капка. Исто како што се прави мајонез, за да се добие оној убав волумен и густина.
  6. Јадете го со луѓето што се движите во текот на денот инаку ќе зажалат. Уживајте и онесвестете се од убаво!

Совет:

Јадете заедно со партнерот, а ако не јаде лук, раскинете!
22 февруари 2016 - 10:00